Испечати

Мафини со брусница и чоколадо (посно)

Мафини со брусница и чоколадо (посно)

Состојки

  • 1 зрела банана
  • 1 поголемо јаболко
  • 150 мл кисела вода
  • 100 мл масло
  • 180 гр шеќер
  • 250 гр брашно
  • 1 пециво
  • 1 ванилин шеќер
  • 50 гр посно чоколадо
  • 2 раце сушена брусница
  • 1 лажичка цимет
  • кора од еден портокал
  • чоколадни трошки за украсување и вкус

Подготовка

Овие вкусни мафини претставуваат спој на различни вкусови, киселкост на брусницата, краситост и миризливост на кората од портокал со прекрасната блажина што ја оддаваат парчињата чоколадо во нив.
Јас некако се потрудив да ви ги објаснам, ама најубаво е да си ги пробате и да го почувствувате нивниот вкус

При подготовкава прво ја вклучуваме рерната на 200 степени.
1. Излупените јаболко и банана ги блендираме, па на оваа смеса и ги додаваме шеќерите, па маслото и киселата вода. Ја додаваме и брусницата и кратко блендираме.
2. Во друг сад ги мешаме сечканото чоколадо, брашното, пецивото и циметот и промешуваме.
3. Ги мешаме двете смеси и на крај ја додаваме ренданата кора од портокал. Убаво промешуваме.
4. Со лажица ги полниме хартиените корпи за мафини кои сме ги наредиле во тавчето за мафини.Треба да ни се наполнат 2/3 од корпите, бидејќи убаво си нараснуваат при печењето.
5. Ги посипуваме со чоколадни трошки. Печеме во загреана рерна на 200 степени околу 15-20 минути.

Забелешка
Од оваа смеса мене ми излегоа околу 20 мафини.