Видео рецепт: Посни полнети крофни
Состојки
- 500 гр. брашно
- 100 мл. масло
- 1 квасец
- 250 мл. вода
- 1 кесичка ванилин шеќер (10 грама)
- 1 лимон
- За ПОЛНЕЊЕ ќе ви треба:
- 1/2 тегла домашен мармалад
- Ќе ви треба и:
- 400-500 мл. масло за пржење
- 100 гр. шеќер во прав
Денес ќе готвиме заедно со Маја, готвач член на нашата веб-страница. Маја ќе подготви еден од нејзините најпопуларни рецепти, Посни полнети крофни.
Вкусни крофни со мармалад, а сепак посни. Одлични за сите кои постат во моментот.
Подготовка
Чекор 1: Во 50 мл млака вода ставете го квасецот и ванилиниот шеќер, па почекајте неколку минути да се активира.
Чекор 2: Просејте го брашното и додајте ги квасецот, маслото, остатокот од млаката вода, солта, ренданата кора од лимон и сокот од лимон. Замесете мазно тесто и оставете го да стаса додека да порасне двојно.
Чекор 3: Стасаното тесто поделете го на два дела. Едниот дел расукајте го во потенка кора и со чаша означете кругови. На секој од нив ставете по една лажичка мармалад.
Чекор 4: Втората кора расукајте ја со иста големина како првата и префрлете ја преку неа. Сега со чашата вадете ги крофните и наредете ги на крпа или набрашнета подлога. Оставете ги да стасаат уште 15 минути.
Чекор 5: Убаво загрејте го маслото, потоа пржете ги рамномерно од двете страни.
Чекор 6: Пржените крофни оставете ги на хартиена салфетка.
Потоа сервирајте ги и посипете ги со шеќер во прав.
СОВЕТ: Може да направите и празни крофни од една подебела кора, па по пржењето да ги полните со посен чоколаден прелив со помош на шприц.