Испечати

Кумановски зељаник

Кумановски зељаник

Состојки

  • За тесто
  • 700 гр брашно
  • 1 квасец
  • 1 лажичка сол
  • 350-400 мл вода
  • За фил
  • 1/2 главица свежа млада зелка
  • 2 страка праз
  • 1 главица кромид
  • 1 лажица мешан сув зачин
  • бибер по вкус
  • 50-100 мл масло за премачкување и попрскување

Подготовка

Еве повторно старински рецепт кој се пренесува од колено на колено во нашето семејство на генерации по баба и мајка.
Се сеќавам како мала дека кога баба ми Цана ќе го направеше зелникот, испечен под вршник и ќе му го донесеше на дедо ми и на останатите аргати на нива, во комбинација подготвуваше и младо или старо лукче ситно насечкано и измешано во сооднос со вода и оцет. Прекрасно освежување и вистинско селско јадење, а течниов прилог сервиран во каленица и се јадеше т.е. го сркавме со дрвени лажици.

Подготовка
1. За фил се на ситно зеленчукот и се става да се упржи во тавче на оган. Се зачинува и се остава да се подизлади.
2. Се замесува средно меко тесто со млака вода од наведените состојки. Се дели на 8 топчиња.
3. За првата кора ни се потребни 4 топчиња кои ги расукуваме со пречник од 20 см и три од нив ги премачкуваме со масло. Ги редиме едно врз друго, а четвртото не го мачкаме, тоа е најодозгора.
4. Расукуваме кора со постојано посипување на брашно, за 10-15 см поширока од големината на тавчето во кое ќе го печеме зелникот или по кумановски зељаникот.
5. Ја ставаме кората врз намрсеното тавче, ја попрскуваме со масло. Правиме витка по краевите од тоа тесто што е надвор од тавчето.
6. Сега расукуваме 3 топчиња и ги премачкуваме 2 со масло, па ги ставаме едно врз друго. Третото го ставаме врз нив и пак расукуваме кора, малку поголема од тавчето.. Ја попрскуваме со масло и пак правиме витка.
7. Во средината го ставаме филот. Од последното топче правиме кора малку поголема од местото каде ни е филот. И од неа правиме витка. Го попрскуваме со масло зелникот, правиме засеци со нож и го оставаме да стаса минимум 20 минути, а за тоа време ја загреваме рерната на 250 степени.
8. Го печеме зелникот до зацрвенување. Откако ќе го испечеме го попрскуваме со вода па пак го враќаме на кратко во рерна. Го вадиме од рерна и едвај го дочекуваме да се подизлади ииии....ПРИЈАТЕН АПЕТИТ !

Забелешка
Во филот може да користите и само кисела зелка или место свежа можете кисела зелка да ставите.