Полнети крставици на кинески начин
Состојки
- 2 парчиња свежи крставици (средна големина)
- 1 лажица густин
- 2 лажици соја сос
- за фил
- 200 гр. мелено месо
- 200 гр. спанаќ
- 2 чешниња лук
- 1 кромид кокар (мал)
- 3 лажици соја сос
- 1 лажица сусамово масло
- 1 лажица сув зачин
- 1 кришка свеж ѓумбир
- малку куркума, сол
- 100 гр. ориз
Подготовка
Интересен и не многу сложен рецепт од кинеската кујна, со малку состојки, а со полн вкус. Се мислев дали да го направам и бидејќи им се допадна на моите, не зажалив.
1. Оризот сварете го и оставете го да се цеди.
2. Спанаќот измијајте го, малку бланширајте го додека да омекне и оставете го да се цеди. Откако ќе се исцеди ситно исечкајте го.
3. Кромидот, лукот и ѓумбирот ситно исечкајте ги.
4. Месото ставете го во тенџерче, додајте го спанаќот, кромидот, лукот, соја сосот, сусамовото масло, малку сол, сечканиот ѓумбир, малку куркума и сувиот зачин. Запржете го сето додека да побели месото и да испари водата која ќе ја испуштат состојките.
5. Крставиците излупете ги и издлабете им ја средината. Пред да ги издлабите, оставете кругови крставички за да се стават како капачиња. Наполнете ја длабнатината со филот, ставете ги круговите капачиња и прицврстете ги со чечкалици за да не испадне филот. Извалкајте ги во густин и испржете ги околу 10 минути од сите страни. Пред крај ставете ја издлабената средина од крставиците и 2-те лажици соја сос и пропржете уше малку.
Полнетите крставици исечете ги на кругови и послужете ги со сварениот ориз.
По желба крставиците може да ги замените со тиквички.
Вкусно и интересно.
На здравје!