Кафе-рум ролат (без печење)
Состојки
- За темниот дел -
- 500 гр мелени исквити
- 2 полни лажици какао
- 100 гр шеќер
- 300 мл јако варено кафе
- 125 гр маргарин
- За светлиот дел -
- 2 жолчки
- 150 гр шеќер во прав
- 1 ампула рум арома
- 150 гр маргарин
Подготовка
За црниот дел, најпрво измешајте ги сувите состојки, па додадете го маргаринот и со рака размесете го во мешавината. На крај, со врелото кафе домесете компактна смеса.
Смесата расучете ја врз пек хартија или целофан. Можи да ја поделите на 2 дела и да направите 2 ролати или еден долг, што не е многу практично.
За белиот дел, изматете го маргаринот со шеќерот. Додадете ги жолчките и рум аромата.
Премачкајте го врз тенко расучениот црн дел и со помош на хартијата завиткајте во ролат.
Ролатот е најпрактично да се чува во замрзнувач до времето за сечење, бидејќи белиот дел е малку помек, а и затоа што содржи нетермички обработени жолчки. Кога сме кај жолчките, скептиците секако можат да ги изматат на пареа.
Ролатот брзо се прави и ветува одличен спој на вкусовите од кафе и рум.
Правев повеќе колачи за една убава пригода, а овој беше кај повеќето најфаворитен и веднаш се побара рецепт.Пробајте го и вие, се надевам дека ќе бидите исто така задоволни.