Испечати

Портокал торта со печени бадеми

Портокал торта со печени бадеми

Состојки

  • За бисквит
  • 6 јајца
  • 200 гр шеќер
  • 200 гр печени мелени бадеми
  • 1 лажица полна брашно
  • 1 лажица мелени бисквити
  • 1 и 1/2 портокал (сок и рендана кора)
  • За крем
  • 3 јајца
  • 150 гр шеќер
  • 1 лажица брашно
  • 1 и 1/2 лажица млеко
  • 1 и 1/2 портокал (сок и рендана кора)
  • 200 гр путер
  • За бел фил
  • 200 мл слатка павлака
  • 100 гр бело чоколадо
  • За украсување
  • крокант од бадеми

Подготовка

Уживајте во вкусот на оваа, вкусна, сочна, кремаста торта која е измислена специјално за љубителите на портокал во слатки.

Како мој 300-ти рецепт ја одбрав оваа торта која е баш по мој вкус, за да си се почестам прво себе си и моите домашни, а потоа и сите вас драги мои готвачи, верни посетители на оваа наша страна како и тимот на МоиРецепти кои сте задолжени за постојаното развивање на креативноста и надополнување на вештините, при подготовката на рецептите во мојата кујна.

1. Излупените бадеми ги ставаме да се потпечат во рерна или микро, кратко, малку да ја сменат бојата. Ги ладиме, па ги мелеме ги на машинка за мелење ореви.
2. Загрејте ја рерната на 200 степени. Одделете ги жолчите од белките. Белките изматете ги во цврст снег со прстофат сол. Жолчките со шеќерот убаво изматете ги. Постепено додавајте ги останатите состојки, мелените бадеми, брашното, мелените бисквити и сокот и кората од портокал. Убаво промешајте па додавајте ги постепено лажица по лажица белките и внимателно и полека мешајте за да смесата ни остане воздушеста.
3. Во тавче бр. 26 ставете хартија за печење или пак ако имате делимано тавче само поминете го со путер. Истурете ја смесата и печете во загреаната рерна околу 25-30 минути (проврете со чепкалка). Откако ќе се излади пресечете го на две кори.
4. За кремот ги матиме јајцата со миксер, убаво да се дуплираат, додаваме брашно, сок и кора од портокал и на крајот млекото. Ставаме на тивок оган да се свари, мешајќи додека да се згусне (треба повеќе време). Ја оставаме да се лади, па потоа ја мешаме со веќе изматен путер кој ни е претходно оставен на собна температура. Можете и да не го матите посебно туку да го ставите дитектно во кремот и така да матите додека да се добие компактна структура.
5. Белото чоколадо го ставаме на пареа или на тивок оган да се стопи, па малку го ладиме. Слатката павлака ја матиме и при крај на матењето го додаваме стопеното чоколадо, така го добиваме белиот фил.
6. На првиот дел од бисквитното тесто ставаме две третини од филот, па дел од изматена слатка павлака, па бисквит, за на крај да ја премачкаме целата торта со остатокот од жолтиот фил. Ја украсуваме со мелен крокант од бадеми и остатокот од слатката павлака.

Забелешка
Купив готови излупени бадеми. Доколку имате со лушпа нетермички обработени во тој случај прелијте ги со многу жешка вода, оставете ги на кратко и потоа излупете ги. Оставете нека се исушат, загрејте ја рерната на 200 степени и ставете ги да се печат додека да добијат некоја златна боја. Најдобро е оваа постапка да ја правите ден претходно или пак да си ги купите веќе излупени.
Портокалите пред да ги користите барем еден час оставете ги во вода во која сте раствориле сода бикарбона. Сок од портокал ќе ви треба околу 100-120 мл (1 и половина портокал) за бисквитот, а толку и за кремот.
Јајцата за кремот можете да ги варите и на пареа, доколку имате искуство со варење на пареа, мене ми беше посигурно вака. На мојата рингла има температура до 6 нивоа, јас ги варев на 2 и 3. Доколку ви треба поголема торта од оваа, можете да испечете две бисквитни теста и да ја зголемите дозата на кремот со јајца, а воедно тука можете и да го намалите количеството на путер доколку сакате.
Рецепт за крокант од бадеми има ОВДЕ, со тоа што може да го направите од 100 гр шеќер и 50 гр бадеми за оваа големина на торта.

Можеби ви се гледа многу текст, ама тоа е затоа што сакав убаво да ја објаснам постапката, па при нејзината подготовка за да може и лаик да се снајде, а инаку тортата е многу лесна и едноставна за правење.