Сконси -Англиски колачи со боровинки (Skones)
Состојки
- 250 гр брашно
- 60 гр шеќер
- 60 гр путер
- 1 јајце
- 1 лажичка пециво
- прстофат сол
- 2-3 лажици млеко
- кора од 1/2 лимон
- 1 шољичка боровинки
- шеќер во прав за посип
- За прелив
- 3-4 лажици шеќер во прав
- 1 лажица лимонов сок
- неколку боровинки
Подготовка
Ова е традиционален рецепт за англиски овошни колачи кои се служат на попладневни чајанки. Потребно е само неколку минути за да се подготват, особено се вкусни, може да се искористат и како доручек со чаша млеко.
Рерната ја вклучуваме на 200 степени. Ги мешаме брашното, пецивото, шеќерот и прстофат сол. Рендаме кора од лимон и ставаме парчиња ладен путер, па тестото го мешаме со раце додека да ни се направи целото во трошки. Додаваме јајце и млеко, мешаме, па ги додаваме и боровинките. Без многу месење го собираме тестото во топка, па го расплескуваме малку. Го ставаме на хартија за печење во тавче и го делиме на 8 дела. Печеме во загреана рерна околу 15-20 минути, да зарумени.
Пред служење посипете ги со шеќер во прав или пак направете прелив.
За преливот измешајте сок од лимон со шеќерот во прав за да добиете густ прелив и ставете доколку сакате и некоја боровинка во него за да ви се обои преливот.
Забелешка
Користев замрзнати боровинки, не ги одмрзнував, директно ги ставив во тестото. Можете да користите и друго зрнесто овошје.
Колачиве ги печев 15 минути.