Ситни колачиња со вишни и кокос
Состојки
- 250 гр. мелени бисквити
- 150 гр. кокос
- 1 чаша од 250 мл. исечкани вишни
- 1 лажица шеќер во прав (за вишните)
- 125 гр. маргарин
- 340 гр. /324 мл. слатко кондензирано млеко 7,5 % масленост
- малку црвена прехрамбена боја
- 50 гр. црно чоколадо
- 1 лажица масло
Подготовка
Еве еден рецепт за слатки (како што ги викаме колачите во Прилеп), кој има интересен вкус искомбиниран од киселкастиот вкус на вишните, кокосот и
кондензираното млеко, лесни за правење и јадење.
1. Се машаат мелените бисквити, кокосот и исечканите вишни посипани со
лажица шеќер во прав.
2. Во друг сад се топи маргаринот, се додава кондензираното млеко и малку црвена боја (не е задолжителна) и се мешаат добро.
3. Течната смеса се тура во сувите состојки и се измесува со рака додека добро не се соединат состојките.
4. Во метални калапи со форми по желба (јас користев полукружен и триаголнест),
обложени со најлонска кеса или фолија, убаво се распоредува смесата и се остава да се стегнат во ладилник.
5. Чоколадото се топи со маслото за глазурата. Изладените калапи се вадат од ладилник, се отстранува најлонската кеса или фолијата и со кујнско четче се нанесува чоколадната глазура.
6. Пак се ладат малку и после се сечат. Се украсуваат по желба.
Јас полукружниот калап го направив со глазура, а триаголнестиот го оставив
без глазура, за што треба дополнително уште 50 гр. чоколадо и лажица масло.
Напомена - доколку во текот на правењето мислите дека смесата ви е мека, додадете по желба уште бисквити или кокос, затоа полесно е да се исечат подизладени. Наместо во калапи може да се прави во некакво правоаголно
плехче и да се сечат коцки.
Пријатно!