Чалабур
Состојки
- 4 јајца
- 1 голема лажица брашно
- 1 мала лажичка црвен пипер
- 1 парче сирење по желба
Подготовка
Ова е едно јадење кое ми останало во душата од мојот покоен дедо, го обожаваше и заедно го јадевме секогаш кога одев во село. Многу одамна не сум го правела, ниту па јадела, а е многу лесно.
Брашното со пиперот се запржува исто како за запршка, па се додава вода да зоврие. Густината се одредува со количината на вода или со вриење, колку повеќе вода ставате толку поретко ќе биде или колку повеќе го извриете толку погусто ќе биде. Внимавајте бидејќи дополнително ќе врие додека се варат јајцата. Се зачинува со зачини, сол, бибер,мешан сув зачин, шарена сол, кој што си сака и се остава да си проврие убаво. Јајцата се кршат едно по едно директно во тавчето и се внимава да не се разлеат многу, ако може ич да не се растурат е најубаво. Кога е готово, односно белката е убаво сварена, се трга на страна и се посипува по желба со сирење, сецкано младо лукче и кромидче и дополнително зачини. Мене ми е најубаво со лукче, бибер и овчо сирење. Ова јадење нема логика да се префрла во друг тањир за сервирање и ќе бидам искрена највкусно е да се јаде од тавче и тоа без никаква вилушка или лажица, се мака со топло домашно лешче.
Доколку не сте љубител на запршка, односно пржено брашно и пипер, можете да размешате ладна вода со брашно и пипер и зоврете го во тавче. Досега не сум правела вака но со оглед на тоа што за класична запршка функционира, мора и вака да функционира. Се случувало да немам црвен пипер па сум заменувала со ајвар, откако ќе се зоврие брашното го додавам ајварот и понатаму истата постапка.