Испечати

Лажни солени мафини

Лажни солени мафини

Состојки

  • тесто
  • 150мл млака вода
  • 1 лажица масло
  • 20гр свеж квасец
  • 1/2 лажиче сол
  • 1/4 лажиче шеќер
  • 150гр бело брашно
  • 150гр интегрално пченично брашно
  • фил
  • 1-2 страка праз
  • 100гр урда или сирење
  • 1 јајце
  • 100гр соини трошки
  • масло, сол, бибер, малку црвен пипер, семе од коприва
  • 40гр свинска маст

Подготовка

Малку поинаков интересен појадок.

Се спрема филот.
На загреано масло се пропржува сецканиот праз, па се додават соините трошки, кои претходно биле потопени во вода и исцедени.
И тие малку се запржуваат.
Се трга од оган па се додаваат зачините, урдата и јајцето.
Убаво се промешува.
Сега од сите состојки се замесува тесто и се остава на топло 15 минути.
Потоа тестото се дели на 10 мали топчиња.
Секое се расукува во мала коричка.
Се премачкуваат со малку свинска маст, освен последната.
Се редат едно врз друго.
Сега се сучи голема танка кора.
Со чаша или модла се вадат округли форми.
Во подмачкани калапи за мафини се става прво кругче тесто, па фил, тесто, фил, тесто.
Киснат уште 15 минути и се печат околу 30 минути на 180 степени.
Одлично одговараат со јогурт или кисело млеко.