Млечник
Состојки
- За тесто
- 300гр. (плус за посоп) брашно
- малку сол
- по потреба млака вода
- За полнеж
- 15 јајца
- 1,3-1,5л. млеко
- по вкус сол
- За попрскување
- по потреба масло
Подготовка
Традиционално солено предјадење, така се прави конкретно од крајот каде што сум јас, а постои и блага верзија...
Јас научив да го правам од свекрва ми, која е вистински мајстор, го прави најубавиот млечник на светот!
Од брашното,солта и млаката вода се замесува тесто како за зелник.Тестото одма се работи, така што се дели на 8 топчиња.
Прво се прави долната кора, која се става во намрсена тава со пречник од 30цм., а се прави од 6 топчињаа, кои по малку се расукуваат, се премачкуваат со масло, се наросуваат со брашно (посоп) и се редат едно врз друго.Од нив, така наредени се отвора кора, малку поголема од тавата, краевите да висат нанадвор.Тоа ни е како браник, за кога ке ја туриме смесата од јајцата и млекото не ни се разлее под кората.
А, од двете останати топчиња, се отвораат кори ( посебно), ги предиплуваме и ги печиме на рингла од шпоретот, на тивко од сите страни или во загреана рерна во плех, како ви е позгодно...
При печењетоето на кората, постапно печеме-од двете страни кората да биде печена, што значи оддиплуваме, предиплуваме, исто како цела површина наеднаш да е испечена од едната, па другата страна.Тоа најлесно се прави на шпорет на дрва.
Или во плехот се става кората, па во загреана рерна, ја затвораме вратата и ја печиме без да се превртува, ја следиме преку стаклото.
Испечените кори ги кршиме на парчиња ( ни многу ситни, ни многу крупни) и ги ставаме врз долната кора.Ги попрскуваме убаво со масло, прво ивиците на долната кора, а потоа цела површина.
Ја ставаме тавата во загреана рерна на 200 Ц. степени, да запечи малку, а за тоа време ги спремаме јајцата и млекото.
Колку млеко ќе ставиме зависи и од големината на јајцата, ако се поголеми оди од прилика по 100мл. на јајце, а ако се помали ќе намалиме малку, значи од 1,3л - 1,5л млеко. Јајцата ги матиме со жица,го додаваме млекото и сол по вкус (одприлика 2 супени лажици, но не многу полни, истресени).
Ја истураме смесата во запечената кора.Го вракаме назад млечникот во рерна да се пече уште 1 час на 200 Ц. степени. Дури од почеток можи малку на посилно, додека добие боја, а потоа да се намали на 200.Јас овој пат цело време го печев на 200 и одлично дојде.Во еден момент кога ќе запечи млечникот, фати коричка, зацрвени, уште еднаш убаво го попрскуваме со масло.
*Значи се прска со масло 2 пати, еднаш без јајцата и млекото и уште еднаш кога ќе запечи.
По 1 час го вадиме од рерна и го покриваме со платнена крпа.
Оставаме убаво да се излади...
Кога убаво ќе излади, го сечиме на парчиња...
На здравје!!!