Видео рецепт: Кордон Блу со свинско месо
Состојки
- 700 гр. свинско каре (4 големи парчиња)
- 100 гр. кашкавал
- 100 гр. шунка
- 2 јајца
- 100 гр. лебни трошки
- 100 гр. брашно
- 1 лажица мелен црвен пипер
- 1 лажица мешан сув зачин
- сол по вкус
- За ПРЖЕЊЕ ќе ви треба:
- 60 гр. путер
- малку маслиново масло
- За БЕШАМЕЛ ќе ви треба:
- 600 мл. млеко
- 4 лажици брашно
- 50 гр. путер
- 1 лажиче мешан сув зачин
- малку мелен црн бибер
- пола лажиче мускатно оревче
- 1 јајце
Денес ќе готвиме заедно со Валентина, готвач член на нашата веб-страница. Валентина ќе подготви еден од нејзините најпопуларни рецепти, Кордон Блу со свинско месо.
Популарниот рецепт Кордон Блу, или свински шницли полнети со кашкавал и шунка, потпечени во бешамел сос.
Подготовка
Чекор 1: Замолете го вашиот месар да ви исече 4 големи тенки парчиња свинско каре или бут шол. Секое парче исчукајте го со чук само колку да се зголеми површината на месото. Зачинете го месото со сол и мешан сув зачин.
На секое парче месо ставете парче шунка и парче кашкавал, преклопете го и похувајте ги во брашно, јајце и лебни трошки. Пржете ги во путер и маслиново масло на ниска температура.
Чекор 2: Пригответе го бешамелот. Путерот ставете го да се стопи. Кога ќе биде добро загреан ставете го брашното и промешајте. Кога брашното ќе се запржи, додадете го жешкото млеко. Млекото е жешко за да не се направат грутчиња. Мешајте додека се згусне, па додадете ги зачините и на крај јајцето.
Прелијте го бешамелот врз месото и нарендајте го преостанатиот кашкавал.
Чекор 3: Печете во загреана рерна на 200 степени околу 20 минути , додека зарумени бешамелот. Оставете да се излади, па сервирајте по едно парче во чинија.
СОВЕТ: Ние овој рецепт го подготвивме со свинско месо, но може да се подготви и со пилешки стек.