Прилепски зелник со спанаќ
Состојки
- Тесто
- 1 кило брашно
- 1 свеж квасец
- 1 мала лажица сол
- 250 грама маргарин + (по потреба за рецептот со спанаќ)
- по потреба млака вода
- по потреба свинска маст (за рецептот со праз)
- Фил
- 500 грама спанаќ
- 200 грама урда
- 1 мала лажица сол
- 1 и пол мала лажица црвен пипер
Подготовка
Ова е стар прилепски рецепт на баба ми. Зелникот секогаш е дел од зимската трпеза на мајка ми, па редно беше и јас да го пробам ... Оригиналниот рецепт е со праз, ама јас мора да бидам јака како Попај, па гледам се нешто што одговара да заменам со спанаќ.
Чекор 1
Квасецот стасува со топла вода. Се замесува тестото со млака во вода по потреба за да се добие средно меко тесто. Се остава малку да стаса. Се дели тестото на два еднакви дела.
Чекор 2
Секој дел се расукува и му се ренда по 125 грама маргарин. Секоја половина се дипли на пола, па на три дела и се оставаат во фрижидер околу половина час. Уште по два пати се расукува секоја половина, се дипли (повеќе не се става маргарин) и одстојува околу половина час (сега нема потреба да стои во фрижидер, ама гледајте просторијата во која го оставате тестото да не биде многу топла)
Чекор 3
Подготовка на филот. Спанаќот се полева со врела вода да омекне. Се сецка и се пропржува малку. Се додава урдата и зачините по вкус.
Чекор 4
Се враќаме на тестото. Едната половина се расукува (малку повеќе од големината на плехот) и се става во однапред подмачкан плех (вие изберете дали тоа ќе биде со маргарин или свинска маст). Мене лично во фил со спанаќ не ми оди свинска маст. Се става филот, а одозгора втората половина од тестото расукана во големина на плехот колку да го поклопи филот. Долниот дел од тестото поради поголемите расукани краеви се виткаат врз вториот дел од тестото (видете дополнителна слика како тоа изгледа на крај)
Чекор 5
Зелникот се пече на температура од 200 - 220 степени целзиусови, во зависност од тоа колку јако Ви пече рерната.
Подготовка на филот со праз. Со свинска маст по потреба се пропржуваат 2 - 3 страка (по желба) праз. По вкус се додава сол и црвен мелен пипер.
И двете варијанти одлично одат со јогурт. Варијантата со праз мене лично ми одговара и со сирење.
Пријатен доручек!