Испечати

Триколорен ролат со месо

Триколорен ролат со месо

Состојки

  • 500 гр. мелено месо
  • 1 јајце
  • 1/2 пециво
  • 1 лајче црвена пипер
  • сол, сув зачин, масло, црн пипер, шарена сол
  • 10 листови блитва
  • 4-5 црвени пиперки капија (печени, излупени)
  • 2 јајца (за кајана)
  • 20 гр. сусам

Подготовка

Ролатов е декоративен и одговара за разни прослави и многу интересно изгледа бидејќи е малку различен од класичните ролати со месо. Башка од оригиналиот рецепт, јас додадов сусам, шарена сол и блитва наместо спанаќ.

1. Најпрвин блитвата малку се обарува и се остава добро да се исцеди, а црвените пиперки (јас имав замрзнати, испечени и излупени) исто така ги оставив да се исцедат добро. На блитвата малку со салфетка и ја одземав водата, а листовите не треба да се сечат треба да останат цели.

2. На месото му се додава пецивото, малку сол, црн пипер, сув зачин, шарената сол, црвената пипер и јајцето и добро се измесува.

3. На алуминиумска фолија се мачка масло, јас наросив и сусам, па месото се расплескува внимателно убаво над сусамот одприлика во форма на правоаголник 20х30 см.

4. Врз месото се реди најпрвин обарената блитва рамномерно.

5. Од 2 -те јајца се прави кајгана рамна како за палачинки (јас ја правев во тавче за палачинки), се лади некоја минута и се става врз блитвата.

6. Врз кајганата се распоредуваат црвените печени, излупени и исцедени пиперки, а зависно од големината на пиперките ќе зависи нивниот број (јас употребив 5).

7. Со помош на фолијата внимателно се витка месото како ролат, се затвора ролатот со фолијата и се става во правоаголно плехче да се печи.
Во плехчето се става малку масло и малку вода, се печи првин 30 минути на 200 степени со фолијата, после се вади фолијата и се допекува од прилика уште 30 минути на 180 степени (зависно од рерната) да фати коричка и сусамот да порумени.
Се лади добро, се сечи, се декорира и се дегустира!
Се надевам ќе ви се допадне овој тробоен ролат.
На здравје!