Баклава Нутела
Состојки
- 500 гр или 1 паковање од најтенките кори за баклава
- Состојки за филот
- 2 млечни чоколада или Ноисет
- 400 гр лешник
- 2 кесички ванилин шеќер
- За премачкување на корите
- 1 маргарин
- 300-400 гр масло
- Состојки за шербетот
- 1 кг шеќер
- 750 гр вода
- 1 кесичка ванилин шеќер
Подготовка
Оваа баклава спремана по овој рецепт многу потсетува на вкусот на нутела...
1. Најпрво се растопува маргаринот со маслото на оган
2. Лешниците 100 гр се сецкаат, а останатите 300 грама ситно се мелат и се мешаат со изренданото чоколадо и двете ванили - ова ни е филот
3. Се филува по следнава постапка - се зема првата кора и малку се премачкува со истопеното масло со маргарин и врз неа се става втората кора која исто се премачкува со маргаринот и маслото, врз втората кора се нанесува од филот и врз неа се става третата кора, таа исто така се премачкува и врз неа се става четвртата кора која се премачкува и врз неа се става пак од филот. Потоа се зема сукало и сите кори се ролуваат на сукалото при што треба ширината на ролатот да ни биде колку пошироката страна од корите. Потоа корите нежно се насобираат кон средината за да добиеме изглед на армоника и со туркање се острануваат од сукалото и се редат во подмачкан плех. Ова е начинот за подготовка на еден ролат, а треба да добиете вкупно 9 вакви ролати - последниот е со три кори
4. Откако ќе ги направите ролатите ги сечете на мали ролатчиња и со остатокот од растопениот маргарин и масло кој малку ќе го загреете ја потурате баклавата помеѓу пресеците на ролатчињата и ја ставате да се пече на 50-60 мин на 150 степени , внимавајте да не ви изгори.
5.Ги варите водата,ванилиниот шеќер и шеќерот и пред крајот им ги додавате исечените парченца лимон и ја потурате оладената баклава со врелиот шербет
6. Оставате да отстои еден ден, при тоа после 12 часа ја превртувате од другата страна за да убаво го впие шербетот
Доколку не ви оди собирањето на корите во армоника на сукалото тогаш едноставно соберете ги во обичен ролат без сукало (овој рецепт си го измисли брат ми, а тој е мајстор кога ги прави, јас бидејќи некако не успевам да ги насоберам толку добро како него си ги роловам без сукало) - еве да признаам и во јавност дека брат ми ме шие во кујна хехехе
И најважниот совет е кога ги правите корите покријте ги со не многу влажна крпа и при секое вадење на кора, крпата пак ставете ја преку корите - така нема да ви бидат суви и полесно ќе можете да ги ролувате и собирате - ете ова е уште еден заклучок кој брат ми си го донел и ми го кажа хехехехе ,а јас го споделувам со вас за да не се нервирате како мене - бидејќи ако ви се суви ќе се ронат и кршат