Испечати

Штрудлички со суви смокви

Штрудлички со суви смокви

Состојки

  • 150 гр путер
  • 100 гр шеќер
  • 1 јајце
  • 320 гр брашно
  • 50 гр мелени бадеми во листови
  • 1 лажица кисела павлака
  • 2 прстофати сол
  • За фил
  • 200 гр суви смокви
  • 100 мл сок од портокал
  • рендана кора од 1 портокал
  • 1 лажица рум
  • 100 гр мелени бадеми
  • 3-4 смокви од слатко од зрели смокви
  • шеќер во прав за посип

Подготовка

1. Ги матиме путерот, шеќерот и јајцето со миксер до кремаста смеса. Ги додаваме брашното и мелените бадеми и мешаме со миксер. Ќе ни се направи зрнеста структура на тестото. Потоа додаваме сол и кисела павлака, полна лажица. Домесуваме со рака и го оставаме тестото во фрижидер да отстои 1 час.
За тоа време го подготвуваме филот.
2. На сувите смокви им ги отстрануваме рачките и ги попаруваме со врела вода. Ги оставаме така попарени 15 минути. Потоа ги ставаме во блендер или сечко, додаваме сок и кора од портокал, румот, слаткото од смокви и мелените бадеми. Блендираме до еднолична смеса.
3. Тестото го вадиме од фрижидер и го делиме на два или три дела. Во зависност од тоа која големина сакаме да ни имаат штрудличките расукуваме толкав правоаголник. На средината ставаме од филот и го преклопуваме расуканото тесто од едната страна преку филот, па од другата страна врз тестото. Го превртуваме ролатот, со рацете го измазнуваме и сечеме парчиња по желба. Ги печеме во загреана рерна на 190 степени околу 25 минути или додека да нежно поруменат. Откако ќе се испечат ги посипуваме со шеќер во прав.

Забелешка
Ако многу ви е сув филот може да доставите сок од портокал, тоа зависи од смоквите. Можете да ги правите и без слатко, во тој случај сигурно ќе треба да додадете сок, значи филот треба да не ни е многу течен, треба да е влажен и густ. Јас сакам да ги исечам парчињата пред печење, тоа е моја желба, а вие можете да го ставите цел ролат да се пече, да ги засечете со нож местата каде ќе се двојат и досекуваат штрудличките, па откако ќе се испечат да ги посипете со шеќер во прав и да ги досечете.