Испечати

Кошариња - Пирамиди

Кошариња - Пирамиди

Состојки

  • 1 лист обланда
  • За белиот дел, тесто
  • 250 гр омекнат маргарин
  • 150 гр шеќер во прав
  • 400 гр кокос
  • 2 белки
  • 1/2 сок од лимон
  • по желба, кој сака, неколку капки екстракт од рум
  • За црниот дел, фил
  • 150 гр шеќер во прав
  • 2 жолчки
  • 1 јајце
  • 1 лажица млеко
  • 100 гр чоколадо
  • 100 гр омекнат маргарин

Подготовка

Најпрво со помош на калапчето за кошарињата исечете кругови од обландата во негова димензија

За белиот дел, тестото, измешајте ги прво сувите сосотојки и потоа додадете ги останатите. Со рака убаво измесете. Лимоновиот сок додавајте го постепено на крај додека не стани смесата компактна за стискање, правење на бомбици.

Матете ги на пареа жолчките, јајцето и шеќерот. Кога ќе се згусни, додадете го чоколадото да се растопи и тргнете на страна да се лади. Кога е млако, додадете го омекнатиот маргарин.

Јас правев пола доза и бидејќи составот за филот не е деллив заради целото јајце малку го изменив: 75 гр шеќер во прав, 1 жолчка, 1 јајце, 1 лажиче млеко, 60 гр чоколадо и 125 гр маргарин и една капсула ванила арома. Јајцата, млекото и шеќерот ги мешав на пареа. Потоа садот го ставив директно на оган и ги додадов чоколадото и маргаринот. На умерен среден оган со често мешање од над 5 минути одприлика добив многу вкусна и мирисна смеса со густо течна структура. Ја оставив да подолади, да се згусти до степен на течен мед и потоа ги полнев калапите за кошарињата.

Калапчињата за кошариња најдобро е да се обложат со стреч фолија или некој мек најлон. Во овој случај доволно е да се работи со едно калапче доколку немате помошник за другото : )
Се става од белата смеса скоро до горе и потоа со прст се прави длабина во средината, при што убаво се притиска по ѕидовите и се рамни на работ на горниот дел. Во празнината се тура од филот и со кругот обланда убаво се затвора. Калапчето се превртува и полека, држејќи ја фолијата се вади колачето од калапот.

*** Гледај, ги напрајв бели и високи, да личат на тебе. Иако со свои белези, сепак ведро изгледаат, како ти што беше секогаш. Ги правев и вртев спомени и идни дружби замислени... Ги направив за споменот на тебе, наместо ти песната која ми ја обети.
...Никогаш нема да те заборавам Б.А.