Испечати

Кронутс (Cronuts)

Кронутс (Cronuts)

Состојки

  • Тесто
  • 480 гр. меко брашно
  • 1 лажичка сув квасец
  • прстофат сол
  • 2 лажици (40 гр.) шеќер
  • 2 јајца
  • 1 ванила
  • 240мл. млеко
  • 225 гр. путер или маргарин
  • За бела глазура
  • 60 гр. шеќер во прав
  • 2 лажици слатка павлака
  • на вкус екстрат од ванила

Подготовка

Зимскиот одмор за мене беше време за исполнување на желби. Ова е една од желбите на Никола... се мислев дека нема да го губам времето да ја спремам оваа делиција за која секаде пишуваше - Светот полудел по Кронут.., но не било така, мораше да се зафатам за работа и не се кајам... па ова било навистина прекрасно. Го има секаде по интернетот со некои мали отстапки за рецептот, во основа е исто. го Спремаше Кронутот и Зорица Павловик- следејки ја неа таа што напиша го направив и јас, а еве како
- Во садот во кој ќе месите просејте го брашното, додајте ја солта, квасецот и измешајте.
- Млекото сосема малку загрејте го колку да не е потполно ладно, додајте го шеќерот, ванилата и јајцата и со вилушка или жица лесно изматете ги. Додајте во брашното и со миксер или на рака и добро измесете го. Со намрснети раце извадете го тестото, ставете го во ванглата во која ќе стои која исто така сте ја намрсниле. Покријте со стреч (најлонската) фолија, оставете во фрижидер да одстои 30 минути.
- Додека тестото се одмара - на собна температура омекнатиот путер пенесто изматете го. Поделете го на четири еднакви дела.
- Одмореното тесто извадете го од фрижидерот, на лесно побрашнета површина расукајте кора 30х45 и премачкајте ја кората со 1/4 од путерот. Пократката страна од кората пресвијте ја до половината од кората, истото направете го и со спротивната страна, па вака поставените кори преклопете ги токму по средината - таму каде што се сретнуваат ивиците од кората (погледнете на помошните фотографии) Всушност... насетувате дека се прави лиснато тесто. Завиткајте го вака добиеното тесто повторно во фолија, повторно вратете во фрижидерот да одстои 30 минути, извадете, сукајте го пак тестото почнувајки од пократката страна во иста форма и димензија, повторно премачката со другата четвртина од путерот.. пак завиткајте во фолија, вратете во фрижидерот да остои 30 мин. Се така со иста постапка ќе го направите вкупно четири пати - нели имаме и путер поделен токму за четири пати премачкување, сукање и диплење.
- Откако сте завршиле и со четвртото премачкување, пак ја повторувате постапката со превиткувањето на кората, ја сукате и сега со округла форма вадете ги формите - треба да исечете 12 круга. Наредете ги во плекче кое сте го послале со хартија за печење. Вратете ги вака спремани нека пренокат во фрижидерот.
- Наутро извадете ги и оставете на собна температура да одстојат најмалку од 1 час. Пржете ги во длабок зејтин. Вадете ги на салфета да се впие евентуално вишетокот на маснотијата. Се пржат исто како и најобичните крофни.
ГЛАЗУРА
- Измешајте ги сите состојки - ќе добиете убава бела глазура и залијте ги.
Забелешка
- Ги пржев во палминото масло за кое не знам зошто, но ценам дека ваквите пржени теста не впиваат маснотија, можеби е грешно моето мислење, ова го кажувам само од искуството со пржените теста од типот на крофни.
- Откако се сите испржени, веќе сте вие на потез, односно останува на вас дали ке ги посипете само со шеќер во прав, дали ќе ги залиете со глазура, а богами можат и да се полнат со пудинг, нутела-притоа користејки шприц (исто како и крофните) но откако се оладат. При пржењето ќе забележите дека можат и да се одвојат коричките. Не се загрижувајте, извадете ги и наредете како што треба да си стои - при самото изладување тие остануваат цели.
- Остатоците не ги занемарувајте. Едноставно испржете ги и нив и можете да ги валкате во шеќер во кој сте додале малку цимет. Беа интересни...
- Доколку ја немате формата за токму ваквото исечување, знам дека ќе се снајдете. Вадете со поголема чаша брцнувајки ја при секое сечење во брашно, а потоа со помала чаша вадете го внатрешниот круг. (знам дека го знаете тоа, но сепак да напишам). Јас си имам нарочито таква форма за сечење на тестото и не му ја мислам многу.
Во некои рецепти се сретнува и тоа дека откако ќе го завршите четвртото премачкување, предиплете ја кората - завиткате во фолијата и нека одмара во фрижидерот така до утрото. Потоа се вади кората, се расукува и се остава да на собна температура да одстои 1 час. Потоа се вадат форми и се пржи. На вас како ви е полесно - така направете, нема да згрешите.
Тоа е драги мои, јас видов и вкусив по што лудувал светот. Ако сте љубопитни еве ви го рецептот. Заклучив дека ова е пржен кроасан со моделирана форма.