Солени мафини со кори и јувки
Состојки
- 250 гр кори
- 350-400 гр јувки со јајца
- 50 гр путер
- За фил
- 100 гр сечкана салама
- 100 гр сечкана чајна
- 100 гр рендано сирење
- 50 гр рендан кашкавал
- 2-3 лажици масло
- 2 јајца
- 125 гр кисела павлака 20 %
- сусам за посип
Подготовка
Од продукти што ми се најдоа по дома, се создаде интересен доручек, ем вкусен ем декоративен, па можеби рецептов ќе ви послужи кога ќе си имате гости на доручек или вечера, бидејќи не одзема многу време.
1. Корите ги премачкуваме со стопен путер и ги редиме една врз друга. Ако имаме 10 кори ги делиме по пет, ги редиме една врз друга, па ги сечеме на 12 парчиња. Вкупно да ни излезат 24 парчиња кои ги ставаме во калапите за мафини, кои претходно сме ги намачкале со масло.
2. Јувките ги вариме, ги цедиме, ставаме 2-3 лажици масло и ги оставаме малку да се изладат додека го подготвуваме филот.
3. Сите состојки за фил ги мешаме и филот потоа го ставаме во варените јувки. Промешуваме се заедно и ги полниме калапите, т.е. корите со оваа смеса.
4. Наросуваме со сусам и печеме во загреана рерна 10-тина минути или додека малку да поцрвенат корите.
Можете сами да си одлучите што ќе ставите во филот, јас тоа имав по дома па тоа ставив, а се работи и за вкус, може сланинка, може сушено месо, може само на сирење, кисели краставички, навистина се работи за вкус.