Испечати

Весели обланди (посно)

Весели обланди (посно)

Состојки

  • 1 лист обланди
  • 250 гр шеќер во прав
  • 10 гр желатин
  • 80 мл топла вода
  • 130 гр микс овошје од суво и јаткасто овошје (суви кајсии, суво грозје, суво кици, сушен цитрон, брусница, бадем, лешник, ореви, сува слива)
  • кора од еден портокал

Подготовка

Ова е едноставен и интересно декоративен рецепт кој го видов на интернет пред некое време, па така испринтан чекаше момент кога ќе се направи. Користев растителен желатин, па ако некој сака може да го искористи рецептов и во посни денови.

1. Обландата ја сечеме на две идентични парчиња. Овошјето ситно го сечкаме, може и на сечко, ама да го исечкаме на покрупни гранули, не на многу ситно. Ја рендаме кората од портокалот.
2. Желатинот го раствораме во топла вода. Кога убаво ќе се стопи го ставаме во шеќерот во прав и матиме со миксер. Смесата ќе се зголемува, ама не премногу и ќе се згуснува. Матењето е кратко, околу минута до две.
3. Го истураме сечканото овошје во смесата, промешуваме и ја истураме смесата на едната половина од обландата. Размачкуваме да има насекаде, ама не сосема до крај и ова го правиме побрзо, затоа што брзо се стегнува.
4. Поклопуваме со другата обланда и ставаме нешто тешко врз неа. Оставаме некое време да се стегне (околу 1-2 часа) и сечкаме на форми по желба непосредно пред конзумирање.

Забелешка
Портокалот ставете го во вода во која сте раствориле сода бикарбона или пак истрлајте го со сода бикарбона убаво, па оставете го во водата да отстои.
Како за првпат дека го правев направив половина доза, за да видам како ќе биде прифатен од домашните, ама се покајав затоа што требаше цела доза да направам. Едноставно, им се допадна, нели сме си љубители на суво овошје, па излезе дека е одлична слатка грицкалка. Ама многу брзо се прави, така да кога и да посакате за некои 15 минути десертот е готов, само треба да се почека да се стегне и да се залепат убаво обландите.
По правило со филот се спојуваат обландите од покрупната шара што ја имаат на страните, ама како јас нели се брзам па така и набрзина за да поклопам, па згрешив. Ама сепак тоа е и до вкусот, ако повеќе ви се допаѓа вака, тогаш направете ги и вака, не е некоја страшна грешка.