Сармата на мама
Состојки
- 1 кисела зелка
- 600 гр мелено месо
- 200 гр сушена сланина
- 200 гр ориз
- 2 главици кромид
- 3 моркови
- 2-3 чешниња лук
- Сол, црвен пипер, бибер, мешан сув зачин, масло
Подготовка
Знам дека е ова наше традиционално јадење без кое не поминува ниту една новогодишна прослава, а и сите знаете да го подготвите, ама еве еден рецепт и од мене, пренесен од мајка ми, па можеби на младите домаќинки ќе им се допадне ваквиот начин.
1. Ги сечкаме кромидот, морковот и лукот во сечко. Ги ставаме на масло да се упржат па го додаваме меленото месо. Сланината ситно ја сечкаме или во сечко (50 гр оставаме) и неа ја додаваме во веќе полупрженото мелено месо. Упржуваме со постојано промешување па го додаваме оризот. Упржуваме на кратко, зачинуваме по вкус и мастрафот ни е спремен.
2. Од киселата зелка ги двоиме листовите и им ги отстрануваме со ноже дебелите жили. Ставаме по 1-2 лажици од подготвената смеса и ја виткаме сармата. Секоја сармичка ја редиме во тавче. За да не се растураат сармите потребно е да го пополнат целото тавче.
3. Остатокот од сланината го редиме врз сармичките. Ја налеваме со вода, ја покриваме со капак и ја ставаме во рерна да се крчка, на 220 степени. При крај на вриењето додаваме веќе подготвена запршка.
4. Потребно е да ја пробате сармата пред да ја извадите од рерна. Важно е оризот да е сварен, бидејќи останатите состојки термички се обработени. Запршката се подготвува стандардно. На малку загреано масло(40-50 мл) се става 1-2 лажици брашно и 1 лажица црвен пипер, се упржуваат и се додава врз сармата. Потребно е да продолжите некоја минута да поврие сармата со запршката.
Ако ви остане мастраф слободно истурете го врз веќе смотаните сармички, заедно со запршката ќе добиете прекрасен сос.
Запршката се прави по желба, може, а и вкусна е и без запршка.