Домашен леб со маст и јогурт
Состојки
- 1 кг брашно (може интегрално или мешано со бело)
- 400-500мл јогурт (течност)
- 2 лажици топена маст
- 40 грама свеж или 10 грама сув квасец
- 2 големи лажици шеќер
- 1 голема лажица сол
Подготовка
Најдобрите финтици во готвењето порано ми ги кажуваа моите другарИ, не другарки. Од кога си ги најдов МоиРецепти, мислев дека нема да има потреба од финтици, се ми е тука запишано, ама влета другар ми Иле со финтица за домашен леб на која не можев да ѝ одолеам.
Финтицата се вика МАСТ. Иако се ставаат само 2 лажици, тестотo е помеко и посочно подолго време.
Кога решив дека ќе додадам маст, имавме и јогрут по дома, па како течност го додадов јогуртот и шмековите ни дојдоа таман за правење тупан=))
Користиме најчесто наше домашно интегрално пченично, ржано или јачменово брашно мелено на воденица, ретко користиме бело, но соодност е истиот. (здраво теофаниија!!) =))
Доколку користите интегрално брашно имајте на ум дека малку поспоро стасува од белото, а и не треба толку да се меси за да не биде збиено. Пoмалку месење, подолго стасување.
Можете слободно да мешате интегрално брашно со бело во сооднос по желба, 50-50 или помалку бело, повеќе интегрално.
Лепчето на сликата е со 800грама ржано и 200 грама бело брашно. Ржаното брашно не ни е просеано, па има многу трици во него и потешко стасува, затоа додадов малку бело.
Сувите состојки се мешаат, квасецот се раствара во јогуртот или водата, не се чека да стаса (да се активира), течноста се додава во брашното и се замесува меко тесто.
Поклопено се остава да стаса и готово е за окулу 40ина мин. Повторно се замесува, но овој пат се дели на делови и се става во калапите за векни на Делимано да стаса уште еднаш.
Се пече во загреана рерна на 200 степени 20ина минути, па уште 20ина минути на 180.