Испечати

Тарт со тиква и лешници (посно)

Тарт со тиква и лешници (посно)

Состојки

  • За крем од тиква
  • 900 гр тиква (исчистена)
  • 13 лажици шеќер
  • 1/2 лажичка цимет
  • 1 ванилин шеќер
  • 100 гр мелени лешници
  • рендана кора од 1 портокал
  • прстофат мускатно оревче
  • 80 мл вода
  • За тесто
  • 500 гр брашно
  • 200 мл палмово масло
  • 175 мл вода
  • 1 лажичка пециво
  • 1 ванилин шеќер
  • 1 лажица шеќер
  • прстофат сол

Подготовка

За обожавателите на тиква еве еден интересен рецепт со крем од тиква. Ако немате тавче за тарт можете да си направите и тарталети во калапи за мафини.

1. Тестото го замесуваме со сите состојки за тесто. Го оставаме ½ час до 45 минути во фрижидер завиткано во проѕирна фолија.
2. Тиквате се лупи од кората и се сечка на парчиња. Се става со шеќерите, циметот, водата и мускатното оревче на тивка температура да омекне тиквата. Повремено се промешува.
3. Откако убаво ќе омекне, тиквата ја блендираме до совршено мазна структура, па ја оставаме да се олади. Лешниците ги мелеме на машинка за мелење ореви и ги додаваме во изладениот крем од тиква. Додаваме и рендана кора од 1 портокал. Промешуваме
4. Тавчето за тарт го мачкаме со масло и брашно, а ако имате делимано тавче за тарт само со масло. Од тестото одвојуваме мал дел кој ќе ни служи за украсување на тартот. Рерната ја вклучуваме на 220 степени.
5. Тестото го расукуваме во кора која ќе биде 3-4 см поголема од основата на тавчето. Ја ставаме кората, убаво ја формираме по страните и во долниот дел што е на дното ја боцкаме со вилушка , на повеќе места.
6. Го ставаме кремот врз тестото и од останатото тесто правиме форми по желба и го украсуваме тартот.
7. Го ставаме да се пече, околу 35 минути, да поцрвени кората. Кога ќе се испече го ладиме, наросуваме шеќер во прав на деловите со тесто и го вадиме од тавче. Пријатен апетит.

Забелешка
Портокалот ставете го да отстои во вода со сода бикарбона барем еден час пред да го рендате. Да се исчисти колку може од несакани материи.
Откако го испеков тартот ставив и мелени аранчини, околу 1 лажичка за декорација и вкус.
Пробајте ја тиквата додека е жива, ако не е блага додадете шеќер повеќе во варењето од што сум пишала.