Испечати

Новогодишна елка од тесто - посно

Новогодишна елка од тесто - посно

Состојки

  • Тесто
  • 250 мл топла вода
  • 100 мл масло
  • 1/2 коцка квасец
  • 1 лажиче сол
  • 1 лажиче шеќер
  • 500 - 550 гр брашно
  • Фил
  • 300 гр замрзнат спанаќ
  • 1 парче (100 гр) праз
  • 5 - 6 лажици масло
  • 1 филџанче вода
  • по вкус сол
  • За декорација
  • црвена пиперка маслинки, домат, ленено семе, сусам, семе од афион
  • малку маргарин

Подготовка

Најпрво подгответе го филот
Празот ситно исецкајте го и заедно со спанаќот (претходно одмрзнат) ставете ги да се пржат во тава со маслото. Додајте ја водата и сол по вкус и оставете да се динстаат додека течноста испари. Тргнете ги на страна и оставете ги да оладат.
Замесете го тестото.
Во садот каде што ќе месите ставете го квасецот, водата и шеќерот и измешајте ги да се раствори квасецот. Додајте го и маслото и солта. Брашното постепено додавајте го и замесете средно меко тесто. Покриено оставете го да одмори 20 мин.
Од тестото оставете едно мало топче за долниот (држач) и врвот (ѕвезда) на елката.
Останатото тесто на набрашнета површина развлечете го во правоаголна кора со должина околу 30 см, нанесете го филот и порамнете го. Завиткајте ролат и крајот залепете го со притискање на прстите да не се одделува.
На голем плех ставете хартија за печење и на средината најдолу ставете дел од оставеното тесто за држачот на елката.
Ролатот сечете го на парчина со околу 2цм (треба да се добијат 15 парчина) и редете ги во плехот. Првиот ред 5 па 4 - 3 - 2 - 1 ролат. Ролатчината при сечењето се плескаат но при ставањето во плехот малку ќе ги дотерате за да не ја изгубат формата.
Од мал дел од тестото направите топче или ѕвезда и ставете ја на врвот од елката.
Најдолниот дел намачкајте го со малку топла вода и посипете го со ленено семе а врвот со сусам.
Елката украсете ја со црвени пиперки и домати, маслинки исечени на коцки или според вашата креативнос. Одозгора наредете мали парченца маргарин.
Кога елката е готова уклучете ја рерната да се загрее на 190 степени. Ставете ја да се пече околу 30 мин. Потоа покриена со фолија и крпа оставете ја малку да подолади и послужете се.