Зелник со сушени кори
Состојки
- 600гр. брашно
- 1 рамна лажичка сол
- прстофат шеќер
- прстофат свеж квасец
- по потреба топла вода
- Други состојки
- 1 поголем страк праз
- 1 лажичка лут буковец(или сува пиперка)
- За попарување
- 250-300мл. вода
- 1/2 лажичка сол
- 2 лажици масло
- За наросување на корите
- по потреба мешавина од бело и пченкарно брашно
Подготовка
Зелник со сушени кори или како што јас си го викам зелникот на мама.
Мирисот на овој зелник секогаш ме будеше во неделните утра додека бев дома.
Секоја недела па некогаш и преку недела мајка ми обавезно ни спремаше нешто месенко. Мене ова ми е омиленото, затоа се ставив на проба за прв пат.
Не е како на мама, ама како за прв пат бев задоволна.
На работна површина ставете го брашното.
На средината направете отвор и додајте ја солта, шеќерот и сосема малку колку еден прстофат квасец, дури некогаш мајка ми знам дека и не ставше.
Постепено додавајте топла вода и месете додека се добие меко, но нелепливо тесто.
Поделете го тестото на 7 топчиња, така што 5 од топчињата нека бидат со иста големина, едно нека биде поголемо од овие пет, а едно нека биде сосема помало.
Покријте ги топчињата тесто со крпа и оставете да отстојат околу 20 минути.
Започнете со сукање на топчињата што се со еднаква големина.
Секое од овие топчиња расукајте го во тенка кора(при сукањето наросувајте ги корите со мешавина од бело и пченкарно брашно).
Секоја од суканите кори ставете ја на чиста крпа.
Додека ја сукате секоја следна кора претходните си се сушат.
На крај расукајте го поголемото топче тесто во поголема тенка кора.
Ова кора не треба да се суши, затоа дирекно нанесете ја во подмачкан плех, така што краевите ќе висат надвор од плехот.
Попрскајте ја кората со масло.
Секоја исукана кора попрскајте ја со масло и соберете ја набрано, како хармоника(се гледа и на дополнителните слики).
Редете ги во плехот кружно и попрскувајте со малку масло, но оставете простор на средината.
На крај расукајте го малото топче тесто и ставете го во средината.
Нанесете го претходно пропржениот праз со буковец или сува пиперка и поклопете со краевите од кората.
Потоа преклопете ги и краевите и од големата кора.
Попрскајте го со малку масло и ставете да се пече на 200 степени додека убаво зарумени.
Откако е убаво заруменет, ставете ја водата солата и маслото да провријат и со неа посипете го целиот зелник, но не и средишниот дел каде што е празот.
Откако ќе ја сипете водата вратете го во рерна да се впие убаво водата.
Извадете го и покријте со чиста крпа.
Откако ќе подолади земете си чаша јогурт или кисело млеко и убаво нагостете си се =)