Фокача со зелени и црни маслинки
Состојки
- За тесто
- 600 гр бело брашно
- 100 гр грахам брашно
- 5 лажици маслиново масло
- 1 квасец
- 1 лажичка шеќер
- 1 рамна лажичка сол
- 400 мл вода
- За ароматичното масло
- 3-4 чешниња лук
- 70-100 мл маслиново масло
- гранче свеж или прстофат сув рузмарин
- 200 гр маслинки ра редење врз тестото
- масло за премачкување на тавчето
Подготовка
Ова е прекрасно италијанско пециво, мирисно, меко и вкусно. Еднаш кога ќе го направите ќе посакате повторно да го имате на вашата трпеза. Тоа ми се случи мене, задоволните стомачиња побараа повторно да се прави и повторно, а не е некоја филозофија за правење, ама крајниот резултат е вистинско задоволство за појадок.
1. Квасецот го растопуваме со шеќерот во млаката вода. Останатите состојки ги ставаме во сад и замесуваме со водата тесто, со средно мека структура. Оставаме убаво да нарасне.
2. На набрашнета површина го истураме тестото од садот и само нежно го формираме изгледот на фокачата, значи не го размесуваме тестото.
3. Го префрламе на намастена со масло тава (може и на хартија за печење) го расплескуваме, ама да не биде многу тенко. Со прстите правиме дупки во тестото така да има благи вдлабнатини насекаде.
4. На оган го ставаме маслиновото масло, а лукот ситно го сечкаме. Откако ќе се загрее маслото, го ставаме лукот само кратко колку да пушти мирис.
5. Со маслото и лукот ја премачкуваме цела фокача. Наросуваме рузмарин врз неа и накрајот ги редиме маслинките.
6. Ја оставаме да стаса околу 10-15 минути па ја ставаме да се пече во загреана рерна на 220 степени.