Испечати

Посна тава со зеленчук

Посна тава со зеленчук

Состојки

  • 2-3 главици кромид кокар (средна големина)
  • 2 поголеми моркови
  • 1 пашканат
  • 1 зелена пиперка
  • 400 - 500 гр. замрзнат грашок
  • 1 кг. компири (сечкани на коцки)
  • 500 мл. домашна домата или доматно пире
  • 100 - 150 гр. ориз
  • 1 лажица црвен пипер
  • 1 лажица сув зачин (вегета)
  • 100 мл. масло

Подготовка

Оваа тава ја правам преку цела година, бидејќи сите состојки ги има секогаш, а посебно во лето кога зеленчукот е свеж мене ми е највкусна.
1. Во земјена тава (може и метална), се дроби кромидот, морковот и пашканатот се сечат на кругови, пиперката се сечка (јас имам исечкана зелена во замрзнувач), компирите се сечат на коцкички, грашокот ако е замрзнат малку се мие со топла вода во цедалка и се додава, се тура доматата (во лето свежи домати 2-3 по желба), и на крај оризот.
2. Врз ова се наросува црвениот пипер, сувиот зачин, црн пипер, масло и вода (да го покрие зајрето).
Сето убаво се меша со голема лажица и ако готвиме во земјена тава рерната ја ВКЛУЧУВАМЕ кога ја ставаме тавата.
Рерната ја вклучувам на најсилно, а кога ќе почне да врие ја намалувам на 200 степени. По 45 минути ја замешувам малку бидејќи оризот паѓа на дното, и во зависност од количината на вода по потреба дотурам и ја ставам да се допечи.
Се печи уште најмногу 1 час, но тоа зависи од тоа како ви пече рерната и колку сакате да е испечено.

Воопшто не е комплицирано иако изгледа обемно објаснувањето, брзо се подготвува, впрочем јас сакам едноставни и брзи подготовки.
Ставете во рерна и само набљудувајте!

Јас скоро секогаш ја правам во земјена тава оти ми е повкусна, а вие можете да ги менувате состојките но најбитно е да има домата или свежи домати, бидејќи тоа е основата на нашите традиционални манџи.
Пријатно!