Фарината со маслинки и рузмарин
Состојки
- 250 гр брашно од леблебија
- 450 мл вода
- 1 лажичка сол
- 150 гр сечкани црни и зелени маслинки
- 1 гранче свеж или прстофат сув рузмарин
- 1 лажичка буковец
- 100 гр семки од лен и сусам
- 5 лажици масло
Подготовка
Ова е италијански, едноставен , а сепак специјалитет кој се подготвува со брашно од леблебија.
Интересен вкус, за некого можеби необичен ама во секој случај потребно е да се проба. Одлично оди ладна со пиво како грицкалка, ама и топла со јогурт за доручек, па вие одлучете како ќе ја конзумирате.
1. Рерната загрејте ја на 210 степени.
2. Во сувите состојки, заедно со сечканите маслинки, додадете половина од водата и една лажичка масло па промешајте.
3. Кога ќе се поврзе смесата додадете го и останатото количество вода и промешајте убаво да се спојат сите состојки.
4. Во тавче бр.30 ставете 4 лажици масло и распоредете ги по целата површина на дното. Сипете ја смесата и ставете да се пече.
5. По 8-10 минути извадете го тавчето и ставете ги измешаните семки од сусам и лен.
6. Печете уште околу 40 минути. При крај на печењето можете да ја зголемите температурата.
Забелешка
Си купив печена леблебија и на лице место ми ја сомлеа во брашно. Ако имате малишани не ставајте буковец, иако јас ставив, зависи колку ви е лут. Користев свеж рузмарин.