Испечати

Ванилици со маст и бело вино (рецепт од стариот тефтер на мајка ми)

Ванилици со маст и бело вино (рецепт од стариот тефтер на мајка ми)

Состојки

  • За тесто
  • 1кг брашно
  • 500гр маст (свинска)
  • 200мл бело вино
  • 150гр шеќер
  • За мачкање
  • по потреба/желба мармалад, џем, крем
  • За валкање
  • по потреба шеќер во прав
  • Дополнително
  • 1-2 пакувања (10-20гр) ванилин шеќер

Подготовка

Ровки, меки, вкусни, миризливи, колаченца од кои се станува зависен.
Овој рецепт е во нашето семејство од кога знам за себе, сигурно има 30 години. Не претрпел измени бидејки не му се потребни. Совршен е.

Подготовката е едноставна. Во поголем сад се ставаат сите состојки за тестото и се меси тесто додека не се добие убаво, меко и мазно тесто. Во ова тесто можете да додадете и 10ина грама (1 пакување) ванилин шеќер.

Од тестото сукате кора со дебелина помалку од половина сантиметар, со калапчиња извадете форми и редете ги во плех на хартија за печење. Доколку користите Делимано, нема потреба од хартија, воопшто не лепи, испорбано безброј пати.
Печете 10-15 мин на 200 степени и извадете ги да се оладат.

Кога ќе се оладат, земете едно колаченце, премачкајте го со џем или крем по избор и прилепете го со друго колаченце со иста форма. Извалкајте го во прав шеќер.
Можат да стојат на ладно и до еден месец, ама нема шанси да стојат. Превкусни за некој да знае дека ги има дома и да не ги јаде =))

Толку!

Кога бевме мали, баба ми формите за ванилици ги вадеше со чашка за ракија или капаче од чепкалки за заби.
Доколку ги приготвувате со калапчиња со некоја форма вимавајте како ги редите за печење. Некои од формите ќе треба да ги печете обратно за да може да се спојат подоцна. На пример ако имате форма пајче (делимано калапчињата), едното колаче ставете го со клунчето кон десно, а следното со клунчето кон лево.
Се надевам убаво објаснив.

Ние дома за да си скратиме работа не им ставаме џем, туку само ги валкаме во прав шеќер.
За поинтензивен ванила мирис, валкајте ги во ванилин шеќер. Бидејки дома сами си правиме шеќер во прав, при мелењето додавам 10грама ванилин шеќер на 100-200гр. кристал.

И уживајте во магијата!