Торта со фил од кафе
Состојки
- За пандишан
- 12 белки
- прстофат сол
- 250гр. шеќер
- 2 ванили
- 2 лажици јаболков оцет
- 12 лажици просеано брашно
- 100-200гр. подпечени, сецкани ореви
- 1 пециво
- За фил
- 250мл. врела вода
- 50гр. мелено црно кафе
- 1л. млеко
- 12 лажици шеќер
- 3 пудинзи од ванила
- 3 лажици нишесте
- 12 жолчки
- 200гр.црно чоколадо за готвење
- 250гр путер (маргарин)
- 85гр. шлаг пена
- 100мл. ладно млеко
- 2 банани
Подготовка
Вкусна кремаста торта, во која нежно преовладува вкусот на кафето, надополнет со вкусот на ванила, чоколадо, банана....
Повелете послужете се, за мојот мал јубилеј, првата 100 ка...
Ја користам приликава да Ви заблагодарам за поддршката која ја добивав цело време од сите Вас, тимот на МоиРецепти, Вам мои дами-членки и секако Вам драги посетители-читатели.
Чест и задоволство ми е што сум дел од овој сајт!
Се дружиме и понатаму!
За пандишпанот најпрво се матат белките со малку сол-почнувајќи со најмала брзина, а одкако убаво ќе запенат, се зголемува брзината на миксерот и се мати на најсилно со постепено додавање на шеќерите. Се мати до цврст снег. Се додава оцетот, исто матејќи на најсилно.(Ќе забележите со додавањето на оцетот повеќе се зацврстува шамот и збуфнува.) Се намалува брзината на миксерот на најслабо и се додава претходно промешаното брашно, пециво и ореви. Можи да се соедини се убаво и со лопатка, мешајќи од долу према горе, во еден правец. Се излева во правоаголен плех со димензии 32 на 39цм, намрсен со маргарин или на хартија за печење.
Се става да се печи во претходно загреана рерна 5 мин. на 200 степени. Штом се стави плехот се намалува на 180 степени и се печи околу 30 мин., или во зависност од вашата рерна.Добро изладена се сечи на 3 ленти, по должина.
Започнуваме со подготовка на филот. Најпрво кафето го прелеваме со врелата вода и оставаме 5 мин. да одстои. Го процедуваме кафето од талогот и ја мериме добиената течност. Додаваме онолку млеко колку што е потребно за да добиеме вкупно 1 литар. Дел од оваа мешавина (околу 200мл. ) оставаме за растворање на пудинзите и нишестето, а остатокот го зовриваме заедно со шеќерот. Намалуваме на температура и го додаваме растворениот пудинг помешан со изматените жолчки, постојано мешајќи и варење на умерен оган додека кремот ја добие потребната густина. Тргаме од оган, го додаваме чоколадото и мешаме додека се стопи.(Ова можи да се направи со миксер, на најслабо.)Се остава да се излади со повремени промешувања.
Путерот или маргаринот пенасто се мати и му се додава лажица по лажица од изладениот крем.
Шлаг пената се мати цврсто со млекото и се вмешува во филот, со миксер на најслаба брзина.
Финалната постапка е следна
-кора, фил, кругчиња од банана, пак малку фил,
-кора, фил, банана, фил и
-кора и фил.Целосно се премачкува со останатиот фил и се декорира.
Се употребува по 1 банана на кора.
Уживајте!