Испечати

Торнадо погача (посна)

Торнадо погача (посна)

Состојки

  • 300 мл кисела вода
  • 100 мл масло
  • 1 лажичка шеќер
  • 1 лажичка сол
  • 600 гр брашно
  • 40 гр свеж квасец
  • 100 гр маргарин
  • 50 гр сусам
  • 50 гр семе од афион

Подготовка

За денот кога се слави Преподобен Александар Свирски и Свети Александар Невски во црква носам лебче или погача, поради тоа што мојот најстар син го носи името на овие двајца прекрасни светители. Оваа година бидејќи се погоди да биде посен денот, си ја замесив оваа посна погача, па еве да ја споделам сега со вас, бидејќи почнуваат Божиќните пости и верувам дека ќе си го најде местото на некоја ваша трпеза.

1. Во млака вода ставете го шеќерот, квасецот и лажичка брашно и оставете некоја минута да се активира.
2. Потоа соединете го со маслото и солта и со брашното замесете го тестото.
3. Оставете да стасува на топло.
4. Откако ќе стаса поделете го тестото на три топки. Секоја топка расукајте ја да биде со димензии 25х50см.
5. Првата кора премачкајте ја со маргарин и посолете ја со сусам.
6. Второто тесто расукајте го со димензии како првото и покријте го првото тесто со него. Премачкајте со маргарин и посипете афион.
7. Третото топче расукајте го и покријте ги тестата, па поминете со сукалката нежно за да се спојат тестата.
8. Со нож исечете ленти со дебелина 1 -1,5 см, со тоа што едниот крај да не биде до крај засечен.
9. Потоа започнете да го ролате тестото од левиот незасечен крај се до врвот, па замотајте го во круг.
10. Оставете го да стаса, па печете во загреана рерна на 200 степени, 10 минути, па потоа намалете ја температурата на 180 степени и печете уште 20 минути.

Забелешка
Не користам воопшто маргарин, ама рецептот во оригинал е таков па така и ви го напишав. Во овој случај мачкав со палмово масло. Ако не постите можете корите да си ги намачкате и со путер.