Традиционални македонски салчици (стар рецепт од баба Тодора)
Состојки
- 1 кг брашно (+ ако треба за домесување и посипување)
- 500мл бело вино
- 2 жолчки
- За премачкување
- 500гр сало
- За полнење
- џем по избор
- За валкање
- по потреба шеќер во прав
Подготовка
Салчици, салчици, салчици.... можам да ги наречам старовремско лиснато тесто. Од времето на нашите баби кога немало баш многу луксуз како маргарини и путери.
Ми ги збори Шеќерко веќе пет години и никако да ги пробам. Конечно ги пробав и тоа Шеќерко ги правеше, јас морално го поддржував =))
Специфичноста на салчиците е во тоа што се прават со сало, не со маст. Затоа и не се приготвуваат толку често, а богами и начинот на подготовка е за кога ќе си психички спремен=))
Рецептот е од Шеќерковата баба и во семејството е повеќе од 50 години.
Подготовката на салото е објавена во посебен рецепт кликни ОВДЕ.
Од брашното, виното и жолчките се замесува тесто. Се меси убаво да се добие убаво меко тесто кое не лепи.
Се сука кора, се посипува со брашно и се дипли како за лиснато тесто.
Е СЕГА ПОЧНУВА ИНТЕРЕСНОТО!
Здипленото тесто се удира со оклагија или сукало додека не се истенчи. Кога ќе се истенчи, повторно се посипува со малку брашно, се дипли (како на фотографиите) и пак се удира.
Оваа постапка, удирање, диплење, уридање диплење трае се додека не се појават пликови (меури) на површината на тестото (дополнителна фотографија)
За тоа е потребно удирање и диплење окулу 40 до 60 минути.
Не реков дека се лесни за правење =))
Салото поделете го од прилика на три еднакви делови.
Од кога ќе ги забележите пликовите(меури) рассукајте тенка кора и премачкајте ја со третина од салото. Здиплете ја како за лиснато тесто, рассукајте тенка кора и повторно премачкајте со вториот дел на салото.
И по трет пат се сука тенка кора, се премачкува, дипли и се сука за последен пат.
Кората треба да е со дебелина од окулу 5 мм. Се сечат квадратчиња или правоаголничиња, се полнат со џем по желба и се затвараат.
Се печат окулу 15 мин на 200 степени или додека да нараснат убаво, тоа зависи од рерната. Потоа се намалува на 180 и се допекуваат додека не заруменат, окулу 15ина мин.
Испечени се валкаат во прав шеќер.
Во прав шеќерот обично додавам и мелен ванилин шеќер или од оние ампулите со ванилин прашак и повкусно е.
Кој е љубител на лиснато тесто, ова ќе му биде вистинско уживање. Тенки печени крцкави кори со мирис на ванила и џем. Ние доам додека не ги изедовме, само тоа јадевме. Преубави ни беа.
Е па ајде, да видам дали има јунаци за овој двобој =)))