Испечати

Ред велвет торта - Red Velvet Cake

Ред велвет торта - Red Velvet Cake

Состојки

  • Тесто
  • 130гр. путер (несолен, омекнат)
  • 250гр. шеќер
  • 60мл. зејтин
  • 3 јајца
  • 300гр. брашно
  • 1 лажица какао
  • прстофат сол
  • 2 лажички пециво
  • 240мл. млеко + 1 лажица лимонов сок
  • 1 лажичка сода + 2 лажички алкохолен оцет
  • 1/2 стапче ванила
  • 3 пакетчиња црвена прехрамбена боја во прав
  • Крем
  • 70гр. путер
  • 200гр. шеќер во прав
  • 400гр. крем сирење
  • 500гр. Маскарпоне
  • 1/2 стапче ванила
  • кора од лимон + 3 лажици сок од лимон

Подготовка

Пораснав и јас, ставив 3ка пред годините ... па ред беше и да се прослави како што треба. Ред Велвет тортата ви е добро позната на сите, една од постарите традиционални Американски торти. Едноставна, а сепак делува раскошно поради изразената црвена боја.
Мојот рецепт е комбинација од рецептот на Лаура Витале и страната Џој оф бејкинг (со латинична поддршка), секако прилагоден и изменет според моите потреби.
Фичо веќе ви објасни за батермилк-от па не би должела многу околу тоа.

1. Во подлабок сад ставете го путерот, шеќерот и зејтинот и матете додека се добие пенеста смеса и шеќерот не се растопи. Потоа едно по едно додавајте ги јајцата за да се добие хомогена смеса.
2. Во друг сад ставете ги сите суви состојки освен содата и бојата и промешајте.
3. Во садот со батермилк-от (млекото со лимон) додадете ја бојата и промешајте.
*Батермилк-от го подготвувате на почеток пред да поченете со матење и го оставете да стои барем 5 мин. Дури потоа кога ќе дојде ред за мешање на состојките ја додавате бојата.
4. Матејќи со миксерот наизменично додавајте дел од сувите состојки па дел од млекото додека не ги потрошите. Треба да добиете густа смеса налик на Лења пита.
5. Отворете го стапчето ванила и изгребете ја внатрешноста од половината, па додадете ја во садот и промешајте.
6. На крај во мал сад додадете го оцетот и содата и брзо додадете ги во смесата па измешајте со шпатула.
Содата во контакт со оцетот веднаш реагира и се прави пена, па затоа мора брзо да се додаде во садот.
7. Рерната загрејте ја на 200С. Од смесата тргнете на страна 2 лажици, а останата поделете ја на 3 еднакви дела. Калап со пречник 20см, обложете го со хартија, ставете еден дел од смесата и ставете да се пече. Рерната намалете ја на 180С и печете 20-25мин, односно додека чепкалката не излезе сува.
Јас печев на 3 пати во силиконската тава на Делимано.
Во мал сад ставете ги оние 2 лажици од тестото и исто испечете (потребно е за декорација)

8. За кремот во сад ставете го путерот и шеќерот во прав и матете додека се добие пенеста смеса. Додадете го прво крем сирењето,изматете, па додадете го и Маскарпонето и продолжете додека добиете убава кремаста смеса. На крај додадете ги кората и сокот од лимон и половината од ванила стапчето. Изматете кратко да се спои и кремот е готов.
*Користев Филаделфија крем сирење (наша среќа што го имаме во големите маркети), но може да се користи било кое друг крем сирење, купено или домашно.

Најважно е тестата да бидат целосно изладени, за не ви се стопи кремот. Јас ја филував наредниот ден. За ептен традиционален изглед се декорира со трошки од тестото, но секој по своја желба.

Добар апетит =)

* Имате опција да користите и природна боја со редуциран сок од цвекло, но сепак се работи за една торта еднаш во годината па и не е толку страшно =)
* Се извинувам што немам слики од целиот процес на подготовка, ќе ви останам должна.