Посна именденска торта
Состојки
- За корите
- 350гр. просеано бело брашно
- 2 лажици просеано какао
- 1 пециво
- 1 мало лажиче сода бикарбона
- 250гр. шеќер
- 2 ванили
- 350мл. газиран сок од портокал
- 50мл. масло
- 3 лажици мармалад од кајсии
- За светол фил
- 750мл. сок газиран сок од портокал
- 150гр. шеќер
- 2 пудинзи од ванила
- 200гр.мелени бисквити
- 187гр. маргарин
- За темниот фил
- 150-200гр. шеќер
- 200мл. вода
- 2 ванили
- 200гр.мелени ореви
- 200гр.мелени бисквити
- 200гр.црно, посно чоколадо за готвење
- 187гр. маргарин
Подготовка
Посна вкусна торта која ја подготвив за именденот на внук ми Михаил. Неговиот коментар беше - ммм тета, преубава е....
Во длабок сад се мешаат сите наведени суви состојки. Потоа им се додаваат течните и на крај мармаладот. Може да ги соедините мешајќи со лажица или пак миксер. Се остава смесата да одстои некои 30- на минути со повремени промешувања.
Се излева во тепсивче со пречник од 28 цм., обложено со хартија за печење и малку намрсено.
Се печи во загреана рерна, околу 40мин. на 180 степени или во зависност од вашата рерна.
Печената кора целосно се чека да се излади, па хоризонтално се преполовува.
За светлиот фил се зоврива 500мл. газиран сок од портокал со шеќерот. Во остатокот се раствораат пудинзите и се додаваат во зовриениот сок. Се вари до потребната густина. Се трга настрана и се лади. Се додаваат мелените бисквити во млакиот пудинг, па се додава во изматениот маргарин. Убаво се изедначува.
За темниот фил се зоврива шеќерот со водата (одкако ќе зоврие, уште 5 мин. на умерен оган). Се трга од оган и се додава ванилата и чоколадото. Се меша додека целосно се стопи чоколадото. Кога малку ќе подолади се додаваат мелените ореви и бисквити. Млако се соединува со изматениот маргарин.
Се филова кора, светол фил, темен фил и уште еднаш се повторува постапката.Одозгора се премачкува со темниот фил и наросува со рендано чоколадо.