Испечати

Кадрачиња од Ферера - Ricciole ferraresi

Кадрачиња од Ферера - Ricciole ferraresi

Состојки

  • 140мл. млеко
  • 15гр. квасец
  • 3 гр. шеќер или 1 мала лажичка
  • 350гр. брашно
  • 60-70мл. вода
  • прстофат сол
  • 35 гр. омекнат путер
  • 250гр. готова кора лиснато тесто
  • попотреба крупна сол

Подготовка

Рецептот за Кадрачињата од Ферера потекнува токму од градот Ферера кој се наога во северна Италија сместен во регионот на Емилија-Ромања југозападно од Венеција. Барајќи совршен рецепт за лебчево и испробувајќи најразлични за истото мислам дека дојдов барем приближно до оригиналниот (кој се разбира е тајна). Иако не живеам во тој регион, го имам пробано во една прилика и се заљубив во неговиот вкус. Има неверојатоно мека внатрешност и е крцкаво однадвор.
Се погоди натпреварот на темата, па имавме среќа и причина да си го вкусиме лебчево повторно.
Подготовка на тестото
Шеќерот и квасецот ги растопуваме во млакото млеко. Додајте ги и брашното, солта, водата и путерот и месете со раце додека не добиете мазно еластично тесто.Формирајте топка и остајте го да стаса. Рецептот вели дека тестото треба да стасува 1 час и 30 минути, но моето искуство е дека тоа зависи најчесто од собната температура. Доколку сметате дека тестото е готово(т.е кога ќе го налегнете со прст тоа не треба одма да се враќа) можете и помалку да го стасувате. Значи не е пресудно времетраењето.
Откако тестото ќе стаса размесете го и повторно остајте го 15 минути да стасува.
Кората од лиснато тесто размотајте ја и оставте ја на работната маса. Од стасаното тесто со сукало формирајте кора исто како онаа на лиснатото тесто и ставте ја врз кората од лиснато тесто. Налегнете со раце малку за де се спојат корите.
Корите расечете ги на ленти од 2 см.Секоја лентичка намоткувајте ја така што лиснато тесто секогаш ќе е одозгора (како на сликата), потоа формирајте прстен.
Прстените префрлете ги во тава за печење претходно обложена со хартија за печење, намачкајте ги малку со вода и посолете ги со крупна сол.
Печете во загреана рерна на 180 степени околу 20 минути или додека не поруменат.
Излегуваат околу 12 лебчиња.
На здравје!