Испечати

Стевкини пирошки

Стевкини пирошки

Состојки

  • За тесто
  • 1 кг брашно
  • 1 квасец
  • 2 лажици шеќер
  • 1 лажица сол
  • 2 жолчки
  • 1 шоља масло
  • 550 мл млеко
  • За валкање
  • 2 белки
  • 5-6 лажици лебни трошки
  • За фил
  • 100 гр салама
  • 100 гр кашкавал
  • 100 гр сирење
  • малку кечап
  • прстофат оригано
  • масло за пржење

Подготовка

Овој рецепт е од тетка Стевка, пријателка на мајка ми, која на листот на која и го запишала рецептот напишала и „Бон апетит“! Ова важи за сите готвачи кои ќе си ги направат пирошкиве, просто уживајте со чаша јогурт!
Јас често ги подготвувам, а во филот ставам што ќе ми се најде во фрижидер. Еднаш ставив и малку мармалад во дел од нив и да ви кажам одлични излегоа. Ама најчесто ги подготвувам во солена варијанта, со пица полнење.

1. Се замесува тестото со млако млеко и сите останати состојки. Во зависност од влажноста на брашното можеби ќе ви треба малку повеќе или помалку млеко, ама тестото што ќе го замесите треба да ви биде средно меко. Го оставате да стаса.
2. Го размесувате и го делите на околу 20-40 топчиња, во зависност која големина на пирошка ја сакате. Кај мене беа 20-тина, подолги и поголеми.
3. Секое топче со сукало го развлекувате овално, па ставате од филот и го виткате во ролат. Можете да ги виткате и како перничиња ако сакате.
4. Ги валкате прво во разматените белки, па во лебните трошки. Оставете ги да стасаат 10-15 минути. Маслото загрејте го, ама не на најсилна температура, да не ви загорат (како некои мои *=)), па пуштајте ги да се пржат. Вртете ги при пржењето, извадете ги со решетка и ставете ги на салфетка.