Испечати

Сучена баклава - Дембел баклава

Сучена баклава - Дембел баклава

Состојки

  • За тесто
  • 4 јајца
  • низ прсти сол
  • низ прсти шеќер
  • 1 шоља за млеко-млако млеко
  • 1 иста таква шоља масло
  • 1 кафено лажиче лимонов сок
  • по потреба брашно
  • За фил
  • 400-500гр. сецкан орев
  • 4 супени лажици шеќер
  • За посоп
  • 200гр. нишесте
  • Мрснотија за полевање
  • 1 путер (маргарин)
  • 2 мали кафени финџалчиња-околу 160мл. масло
  • Шербет
  • 1,5 кг. шеќер
  • 1,5л. вода
  • 3 ванили
  • сок од 1/2 лимон
  • *Шеќерот кој оди во оревите, можи да се изостави....А, додека во шербетот можи да додадете уште 200гр. шеќер.

Подготовка

Сучена баклава или позната уште како Дембел. Тоа е заради начинот на подготовка, не се сучат сите кори една од една, туку од неколку помали една кора. Значи помрзелив начин. Како оди тоа ќе дознаете токму сега.

Во длабок сад се кршат јајцата, малку проматуваат со вилушка, се додава шеќерот и солта, па млекото, маслото, лимоновиот сок и на крај брашното по потреба, за да се замеси средно тесто како за зелник. Убаво се меси тестото. Воопшто не е лепливо за раце, бидејки е мрсно. Кога добро сме го измесиле, го делиме на 3 дела. Од секој дел вадиме по 20 топчиња, добиваме 60. Нишестето си го истураме во длабока чинија. Започнуваме со сучење.
Секое топче го макаме во нишестето од двете страни. Го сучиме во мала коричка, колку тацна од кафен финџал или пречник околу 15см. Ја тргаме настрана и ја посипуваме со нишесте. Истата постапка ја повторуваме и со следните 4 топчиња. Значи изработивме 5 топчиња, отворајќи ги во корички, редејќи ги една врз друга, а помегу нив-нишесте.
Потоа од нив сучиме 1 кора која треба да е тенка. Ја ставаме на чаршав да се суши додека ги подготвуваме другите кори на ист начин, од по 5 топчиња. На крај, после едно извесно време ќе добиеме 12 кори наредени на чаршавот. Затоа Дембел, поминуваме со овој број на кори, наместо 60, бидејќи секое топче-кора. )))

Следно е редењето во тепсија. За оваа количина на тесто, тепсија со пречник 36см. Се ставаат 4 кори, една врз друга, па 1/2 од сецканите ореви помешани со 2 лажици шеќер. Потоа уште 4 кори, па другата половина од сецканите ореви со шеќер и последните 4 кори.

Баклавата сега треба да ја исечеме на ромбоиди. Тоа го правиме со остар нож. Сечењето можи да биде во форма на цвет.(Погледнете ги дополнителните фотографии.)

Пред да ја ставиме да се пече ја прелеваме со жешката мешавина од путерот и маслото. Го растопуваме путерот или маргаринот заедно со маслото на рингла и полеваме со лажица над баклавата, насекаде, подеднакво.Оставаме малку време да одстои и се впие мрснотијата во тестото.

Се става да се пече во загреана рерна (5 мин. на 200 степени) и тоа првите 20 мин. на 250 степени-тогаш збувнува и разлистува баклавата, а потоа ја покриваме со алуминиумска фолија и намалуваме на 180 Ц. во следните 25 мин. После намалуваме на 150 Ц. и продолжуваме со печење уште 60 мин.
Вкупно време 1 час и 45 мин., но сепак тоа зависи од вашата рерна. Најпрво на појако за да разлиста, а потоа се намалува на умерено, па потивко-убаво да изврие, истишти тестото.Печената баклава ја оставаме подполно, целосно да се излади.

Шербетот го подготвуваме на тој начин што шеќерот и водата ги ставаме да зовријат на силен оган, а потоа намалуваме на умерен оган и продолжуваме со варење уште 25 мин., додека ја добие потребната густина.Штом зоврие шербетот и се изгуби пената, го додаваме лимоновиот сок. Пред крај-ванилите. Варениот шербет го оставаме да излади малку, да биде топол и тогаш со кутлача, дел по дел поливаме од баклавата.
Колку една шоља се остава од шербетот и се враќа на рингла повторно да зоврие на кратко, па малку да *здивни и се дополева на баклавата, за да има убав сјај. Ја оставаме да одстои неколку часа, најдобро 1 ден, па ја послужуваме...
Се надевам добро објаснив...
На здравје!!!