Проја од интегрално брашно со фил
Состојки
- Тесто (користена е чаша од 150 милилитри)
- 3 јајца
- 1 чаша маслиново масло
- 2 чаши кисела вода
- 3 чаши јогурт
- 1 чаша палента
- 2 чаши пченкарно брашно
- 3 чаши интегрално брашно
- 1 прашок за печиво
- 300 грама сецкано кравјо сирење
- 100 грама сецкани маслинки без семка
- Фил
- 500 грама спанаќ
- 1 - 2 главици кромид
- малку сол
- малку масло
Подготовка
Ова е рецепт изваден од ризницата на мајка ми со мои мали измени.
Намирниците за тестото се матат со миксер. Се додаваат сирењето и маслинките и смесата рачно се промешува. Две третини од тестото се ставаат во подмачкано тавче и се пече на 180 степени додека да зацврсне тестото.
Потоа се додава филот кој се подготвува на следниот начин. Кромидот се сецка и во тава со масло се пропржува на тивок оган. Се додава спанаќот и се пропржува да омекне малку. Се додава сол по вкус. По желба може и некој друг зачин да се додаде.
Потоа се става и остатокот од тестото и се допекува пројата на 180 степени.
Јас ја сечам на коцки и овој пат коцките ги украсив со павлака.
Исто така, филот може да се подготви и од штавељ или тиквици.
Во комбинација со јогурт ова е многу вкусен, здрав и брз за подготовка појадок.