Мандаринки со џем од капини
Состојки
- 250г свинска маст или путер
- 200мл млеко
- еден свеж квасец
- две жолчки
- 550г брашно
- по желба џем од капини, мармалад од сливи или друго овошје
- по потреба шеќер во прав
Подготовка
Има еден сличен рецепт тука, мојов е за помала количина и плус има фил чии состојки и подготовка ќе ги напишам тука, па по желба може да се спреми или филот или да се полнат со некој вид на мармалад или џем, зависно што имате по дома.
Во длабок сад се става брашното и му се додава омекнатата свинска маст или путер. Се ставаат и жолчките. Во млекото (претходно малку загреано) се раствора квасецот и се додава во брашното, па се замесува меко тесто.
Од тоа тесто се прават топчиња, се вдлабнуваат и се полнат со џем или со фил и се затвораат како вреќички.
Филот за овие колачи се прави така што 4 рендани јаболка се потпржуваат на лажица путер, да испари водата и им се додаваат 150г сецкани ореви. Подеднакво се вкусни со било кое полнење.
Се печат на тивко да останат бели, јас ги печам на 180 степени, околу 15тина минути.
Се валкаат во шеќер во прав. Повкусни се наредниот ден, посебно ако се подготвени со филот од јаболка. Ама кај нас не остануваат за следниот ден, како и да се направени.