Испечати

Хумус (макало од наут)

Хумус (макало од наут)

Состојки

  • 250 гр наут
  • 100 мил маслиново масло
  • 1 цеден лимон
  • 5 лажици таан
  • 1/2 лажичка мешан сув зачин
  • 1/2 лажичка хималајска сол

Подготовка

Хумусот е едно од првите нови вкусови кои ги запознав кога почнав да се интересирам за веганството пред повеќе години. Не се сеќавам од каде ми е рецептов, а во тетратката не сум запишала. Има претрпено модификации, па оваа е варијантата која најмногу ми одговарала.
Наутот потопете го во поголема количина вода преку ноќ. Наредното утро убаво измијте го и ставето го во еден литар вода. Варете околу 1,5 час на среден оган или околу 40 минути во експрес лонец. Оставете малку да се олади, па префрлете го наутот во блендер со малку од водата во која се варел. Додајте ги маслото, сокот од исцедениот лимон, таанот (фантастично би било доколку имате домашен - голема е разликата во вкусот), мешан сув зачин од соковник и хималајската сол и блендирајте додека не добиете кремасто макало. Доколку ви е густо, додавајте постепено од водата во која се варел наутот и блендирајте додека не ја добиете посакуваната густина.
Јас хумусот го правам често и најмногу заради количината на железо која ја содржи. Го јадеме сите дома, а гостите се поделени во однос на него. Одличен е во комбинација со кекери, леб, и пецива.
Секогаш го сервирам со маслиново масло кое во налевам во дупка која ја правам на средината (како на сликата) или пак во бразди кои ги правам по целата површина. Наросувам црвен пипер или сусам.