Сурови баунти пралини (посно, веган)
Состојки
- 4 лажици какао путер
- 4 лажици какао
- 4 лажици мед
- 80 гр кокосови снегулки
- по желба кокосово масло
Подготовка
Се трудам ќеркичката да ја држам подалеку од чоколади од продавница, па ова е еден од рецептите кои и ги подготвувам, а од кој редовно крадеме и ние. Се прават многу брзо и едноставно.
Растопете го какао путерот и во него дададете го медот и какаото и мешајте додека не добиете изедначена смеса. Садот со смесата ставете го во друг сад со топла вода оти какао путерот брзо се стврднува на собна температура. Премачкајте ги калапчињата и оставете околу 1/3 од сметата за затворање на пралините. Калапчињата ставете ги во замрнувач додека го подготвувате полнењето.
Во друг сад ставете ги кокосовите снегулки и постепено додавајте растопено кокосово масло (обично додавам околу 8 лажици масло) и мешајте. Овде може да додате и малку какао путер, растително млеко но и мед. Во тој случај намалувајте соодветно од другите состојки. Јас пралиниве ги сакам само со полнење од кокос и кокос масло, а ќерка ми нема забелешки, па така и ги правам. Со млеко полнењето е посочно, а со додавање на мед пралините се преблаги за мој вкус.
Наполнете ги калапчињата и вратете ги во замрзнувач. Доволно се и само неколку минути. На крајот премачкајте со остатокот од чоко смесесата и вратете во замрзнувач.
Извадете ги пралините од замрзнувач само неколку минути пред да ги послужите.
За веганска варијанта, медот заменете го со агаве.