Пита со фил од модар патлиџан и лук
Состојки
- Тесто
- шољата е од 200мл
- 3 јајца
- 1 шоља масло
- 1 шоља кисела вода или јогурт
- 3 шољи бело брашно
- 1 пакетче (8-10 гр) пециво
- За фил
- 1 кг модар патлиџан
- 1-2 главици лук
- по потреба масло за пржење
- За тестото и филот
- сол и бибер по вкус
- За посипување
- по желба сусам
Подготовка
Значи кога ќе ќе си измислам рецепт и ќе испадне совршен, пресреќна сум. Ми доаѓа да му се јавам на Џејми Оливер и да му кажам
- Што е колега, нешто тапа ти оди со рецептиве, м? =)))
Шегата на страна. Рецептот е супер, го приготвувавме по дома неколку пати, нема утка. Лесен е за подготовка, не мора да си мастер шеф со големи кулинарски способности.
Состојките за тестото изматете ги во хомогена смеса. Ставете ги јајцата, па течните состојки, па на крај брашното и пецивото. Додадете сол по вкус.
За филот
Модриот патлиџан излупете го и изрендајте го на крупната страна од рендето. Ставете во поголем сад масло, маслото нека се загрее и ставете го изренданиот модар патлиџан да се пржи.
Пржете додека убаво не омекне. Посолете по вкус и при крај додадете цела главица лук. Лукот може ситно да го исецкате или да го поминете низ преса.
Бидејки има и тесто и голема количина на модар патлиџан, доколку сте мераклии, можете да додадете уште лук. Но не го изоставувајте лукот, феноменален шмек му дава на целото јадење.
Во сад за печење сипете половина од смесата за тесто. Печете на 180 степени 10ина мин. да фати убава цврста коричка. Извадете го од рерна и сипете го филот.
Убаво измазнете го филот и пополнете ги краевите за да не се излее горниот дел од тестото (половината што остана), кој ќе го сипете врз филот. Посипете со сусам и вратете во рерна и печете уште 40мин на 180 степени.
Јас скоро секогаш кога користам сусам во јадење, предходно го потпекувам малку да зарумени на суво тавче или во тавче во рерна. Поубав вкус има така.
Модриот патлиџан може да биде и печен, доколку имате смрзнат или како дел од зимница. За оние кои имаат малиџано, експрес варијанта ќе биде и тоа како фил, но сепак овој начин е оргиналот. Јас првиот пат го приготвував по овој начин, вториот со печен модар патлиџан, испасиран и пропржен (лук нормално во двете варијанти) и можам да кажам дека мене лично првиот начин повеќе ми се допадна. Филот беше некако покремав, иако и варијантата со печен модар патлиџан не беше не вкусна, само малку различна.
Тоа е тоа, поздравете го Џејми Оливер и кажете му нека се пакува. Конкуренцијата пристигна!!! =)))