Котбуларс во сос од шампињони
Состојки
- Ќофтиња
- 1 компир со средна големина
- 1 главица кромид
- 500гр. мешано мелено месо
- 3 лажици презла
- 1 јајце
- 2 лажици сечкан магдонос
- 5 лажици павлака за готвење
- Сос
- 1 главица кромид
- 350гр. шампињони
- 1 1/2 лажица брашно
- 300мл. супа од зеленчук
- 200мл. павлака за готвење
- 1 лажица сечкан магдонос
- сол, бибер
Подготовка
Котбуларс се шведски ќофтиња, на многумина познати од рестораните во Икеа -)). Традиционално се служат со компот од рибизли, но јас овојпат се одлучив за малку поинаква верзија.
Подготовка на ќофтињата
Компирот сварете го, потурете го со ладна вода и уште додека е врел излупете го и убаво испасирајте го. Ставете го во еден длабок сад.
Во тава за пржење ставете една лажица зејтин и испржете го ситно исечканиот кромид. Кога ќе стане стаклест, ставете го во садот кај испасираниот компир. Оставете да се олади.
Додадете го месото, магдоносот, презлата, јајцето и павлаката. Посолете по желба и убаво измешајте го месото. Со намастени раце формирајте 20 ќофтиња. Покријте ги со фолија и ставете ги во фрижидер да отстојат 30 минути.
Пржете ги во врел зејтин од сите страни додека да добијат убава кафена боја.
Подготовка на сосот
Шампињоните исчистете ги, отстранете им ги дршките и исечете ги на листови.
Во тава за пржење ставете малку зејтин и додадете ги ситно исечканиот кромид и шампињоните. Пржете на умерена температура додека да испари водата која ќе ја пуштат шампињоните. Наросете го брашното одозгора, убаво промешајте па додадете ја супата и павлаката за готвење. Мешајте додека да зоврие. Оставете така да врие околу 5 минути и при крајот додадете го магдоносот, посолете и побиберете по желба.
Како додадок кон ова јадење би ви предложила динстан мешан зеленчук со зачински путер и варени компири. Заокружете го сето ова со една чаша бело вино....уживајте! -))