Испечати

Панцероти од ЛУДО тесто

Панцероти од ЛУДО тесто

Состојки

  • 1 кг брашно
  • 1 квасец
  • 1 пециво
  • 1/2 л јогурт
  • 100мл млеко
  • 100мл масло
  • 2 лажички сол
  • 1 лажичка шеќер
  • малку масло за подмачкување на кесата
  • Фил за панцеротите
  • Салама, кашкавал или сирење, кечап, оригано, сето ова по потреба и вкус

Подготовка

Ова е најлудото и наједноставното тесто што се спрема во мојата кујна. Поради брзото темпо на живот, а и многубројноста на моето семејство, потребни ми се продукти кои брзо се подготвуваат. Од него произлегуваат производи како што се мекици, панцероти, пастрмајлии, пици, пирошки и сето тоа од брзо, побрзо подготвени. Тестото откако ќе се замеси може да стои во фрижидер и 7-10 дена. Значи го замесуваш од вечер, утредента е спремно за правење, а ако има остаток тој може да се подготви во наредните денови.

Подготовка на тестото
1. Од сите наведени состојки се замесува тесто. Односно во брашното се прави дупка во која се додаваат останатите суви состојки и сето ова се замесува со јогурт во меко тесто. Потоа ванглата или садот во кој сме го ставиле ја покриваме со намрсена кеса, ама треба да оставиме простор за стасување и да внимаваме да не ни претече тестото во фрижидер.
Или пак може тестото да го ставите во намрсена кеса, па во вангличка и така да ви стои во фрижидер најмалку 8 часа или една ноќ. По потреба се вади и од него си правите што ви душа сака. Овој пат јас направив панцероти.

Подготовка на панцеротите
1. Се прават топчиња од тестото, се расукуваат се полнат со фил и се затвораат по краевите со вилушка. Или пак се расукува тестото на работната маса и од него со чаша со пошироко грло се вадат кругови кои се полнат со фил, па се затвораат.
2. Се оставаат некои 10-15 минути да стасаат па се пржат во врело масло, кратко време односно додека да поруменат.
Како фил во панцеротите овој пат ставав рендана салама, рендан кашкавал, малку кечап и оригано, а инаку составот на филот може да ви биде по желба и вкус. Не можам да кажам колку грама потрошив од продуктиве, ама не се повеќе од 150 гр кашкавал, 150 гр салама, неколку лажици кечап и 1 лажичка оригано.

Не мора цело тесто да го потрошите, си земате онолку колку што ви е потребно за оброкот што го спремате. Остатокот вратете го повторно во фрижидер.

За ова тесто знам и го подготвувам веќе 20 тина години, а последниве години поефективно. Има и други рецепти за ЛУДО тесто, ама ова е најскратената верзија со најмалку состојки што ви требаат за да го подготвите.

Нема да се покаете ако било што спремите со него, на дополнителната фотографија имам спремено пастрмајлии. Значи доаѓам од работа продуктите ми се спремни, расукувам тесто, ставам месо и за некои 10 тина минути го печам. Ручек готов за 10-15 минути без печење =)))
Инаку мајка ми го спрема тестото и со кисела вода и исто успешно излегуваат мекици, ама оригиналот си е со јогурт.