Селски бурек (со квасец и оцет)
Состојки
- тесто
- 500 гр. брашно
- 1/2 мала лажичка сув квасец
- 1 мала лажичка сол
- прстофат шеќер
- мало филџанче (100 мл) масло
- околу 150 мл млака вода
- фил
- 250 гр сирење
- масло за премачкување
Подготовка
Ова е едно бурече што кај нас секогаш е добредојдено, а се подготвува многу брзо.
Во подлабок сад се соединува брашното, солта, квасецот, шеќерот и маслото и со млака вода се замесува меко тесто. Тестото се сели на 4 дела и од секој дел се расукува малечка коричка која се става на намрсена површина. Така се прави со сите 4 топчиња. И коричките се попрскуваат со масло и се остава тестото да одмори (односно да стане помеко и поубаво за тегнење )
Една мала финтичка во тестото кога се замесува се става мала лажичка алкохолен оцет за да не се кине при тегнењето
По 15-мин се зема една кора и се растегнува кора колку што дозволува тестото(колку потенка, толку поубаво). Истегнатата кора се попрскува со масло, врз неа се става сирење или некој друг фил по желба) и се дипли како плик. Се трга на страна.
Истата постапка се прави и со втората кора.Кога е веќе истегната и попрскана со масло и сирење врз нејзе во средината се става пликот од првата кора и врз неа се дипли втората.
Постапката е иста и со останатите 2 кори. Готовиот бурек се става во намрсено караванче или плех се попрскува со масло и се пече во загреана рерна на 180-200 степени 30-тина мин.