Испечати

Заспани јаболка

Заспани јаболка

Состојки

  • 270гр. лиснато тесто
  • 4 јаболка
  • сок од 1/2 лимон
  • вода по потреба
  • Фил
  • 2 лажици омекнат путер
  • 3 рамни лажици шеќер
  • 1/4 лажиче цимет
  • 3 лажици суво грозје
  • 3 лажици сецкани лешници
  • 1 јајце за премачкување, шеќер во прав

Подготовка

Погоден рецепт за љубителите на јаболката или овошните десерти, за љубителите на топлите десерти....
Подготовка
Во едно тенџере ставете вода да се вари и додадете го лимоновиот сок. Јаболката излупете ги и отстранете им ја средината, издлабете ги. Ставете ги јаболката во водата да се варат. Варете ги најмногу 5 минути. Доволно е само малку да омекнат. Извадете ги и оставете да се исцедат и подоладат. За тоа време подгответе го филот.
Сите состојки за филот измешајте ги убаво со лажица. Тестото пресечете го на четири еднакви дела. Секој дел на набрашнета површина развлечете го во квадрат. Димензиите се во зависност од тоа колкави се јаболката. Ставете едно јаболко во средината на тестото и со лажиче наполнете ја средината со фил. Земете ги ќошињата од тестото, повлечете ги нагоре кон јаболкото и завиткајте како пакетче. Истото повторете го и со останатите делови тесто/јаболка.
Ставете ги во плех, на хартија за печење, премачкајте со разматено јајце и ставете да се пече на 200 степени во претходно загреана рерна. Готови се после 30 минути.
Оставете ги кратко да се подизладат, па послужете ги уште топли посипани со шеќер во прав.

Обогатена верзија од овие јаболка е да ги послужите со сос или сладолед од ванила.

На здравје!