Мармалад од тикви (Cabell d’àngel)
Состојки
- 900гр. пулпа од тиква (шпагети тиква)
- 450гр. шеќер
- кора од 1 лимон
- 1 стапче цимет
- вода по потреба
Подготовка
Како надоврзување на рецептот за Енсаимадас, еве и рецепт за мармаладот Ангелска коса. Јас го спремав со шпагети тиква, но оригиналниот рецепт е со тиква некому можеби позната под името Смоквин Лист. Начинот на подготовка е едноставен но трае малку подолго. Поточно, ќе ви требаат 5 дена додека го добиете крајниот резултат. А ќе добиете вкусен мармалад со прекрасна арома.
Подготовка
1 ден
Тиквата убаво измијте ја, па исечете ја на парчиња. Ставете ја да се вари во веќе зовриена вода. Се вари заедно со кората и семките. Варете додека не омекне, или отприлика 45 минути. Извадете ги парчињата и ставете ги во цедалка да се исцедат и оладат. Од течноста во која се вареше тиквата, тргнете околу 900мл - 1 литар на страна и ставете да стои во фрижидер.
Откако ќе се оладат, исчистете ги семките и со помош на лажица извадете ја пулпата. Пулпата ставете ја во тенџере и налејте чиста ладна вода онолку колку да се покрие пулпата. Оставете 2 часа да отстои на собна температура.
Исцедете ја пулпата во ситеста цедалка и убаво притиснете со рацете за убаво да се исцеди. Измерете колку точно имате пулпа, бидејќи од тоа колку пулпа од тиква имате половина од нејзината тежина оди на шеќер (значи на 900 гр. пулпа од тиква, оди 450 гр. шеќер). Тиквата и шеќерот ставете ги во тенџере , додадете кората од лимон исечена на парчиња и стапчето цимет. Пржете на средно јака температура додека шеќерот да се стопи па додадете малку од течноста која ја тргнавте на страна. Варете околу 5-10 минути со повремено мешање. Тргнете на страна да се олади на собна температура 2 часа па ставете во фрижидер до наредниот ден (12-24 часа).
Ден 2
Ставете мармаладот да се пржи на средно јака температура. Кога убаво ќе се загрее додадете малку од течноста (која ја тргнавте на страна) и варете повторно 5-10 минути. Оставете 2 часа на собна температура да отстои па ставете во фрижидер.
Ден 3
Исто како вториот ден
Ден 4
Исто како вториот ден
Ден 5
Стерилизирајте ги теглите кои ќе ги полните со мармалад.
Ставете го мармаладот да се пржи. Кога убаво ќе се загрее додадете малку од водата и варете повторно 5-10 минути. По желба можете сега да додадете и арома од ванила и малку сок од лимон. Веднаш полнете ги теглите со врелиот мармалад, затворете со капаците и превртете ги теглите со капаците надолу. Оставете ги така додека се оладат за убаво да се вакумираат.
Морам да напоменам дека конзистенцијата на овој мармалад е повеќе сува отколку течна, поинаква од онаа која си ја знаеме од вообичаените мармалади. За овој мармалад како погоре што напоменав се користи тиква Смоквин Лист - внатре е бела со црни семки и пулпата е како „конци“. Во недостиг на таа сорта јас се одлучив за шпагети тиква, а секако дека може да го подготвите и од друга сорта на тиква.
Јас сум презадоволна од крајниот резултат. Добив миризлив и многу вкусен мармалад, кој сигурно ќе го искористам покрај другото и во подготовка на колачи посебно во периодот на Божиќните празници, бидејќи аромата на овој мармалад ме потсеќа токму на тие празници -))
Пробајте!