Испечати

Клавир торта

Клавир торта

Состојки

  • За темниот бисквит
  • 6 јајца
  • 6 лажици шеќер
  • 3 лажици брашно
  • 4 лажици мелени ореви
  • 1/2 пециво
  • 2 лажици какао
  • За светлиот бисквит
  • 5 јајца
  • 5 лажици шеќер
  • 5 лажици брашно
  • 1/2 пециво
  • За белиот фил
  • 500 мл млеко
  • 5 лажици шеќер
  • 2 пудинга од ванила
  • 2 лажици брашно
  • 150 гр путер
  • 1 бела млечна чоколада
  • За црн фил
  • 150 гр шеќер
  • 5-6 лажици вода
  • 100 гр путер
  • 100 гр чоколадо
  • 150 гр мелени ореви
  • За филување
  • 250 мл слатка павлака
  • 100 гр чоколадо
  • чоколадни трошки

Подготовка

Секој објавен рецепт на оваа страна, секој коментар, секоја критика и прашање околу подготовката на рецептите, за мене претставува радост. Со дружењето со сите вас мили мои, станав подобра домаќинка, научив многу и сеуште ќе учам. Оваа виртуелна дружба е прекрасна, Ви благодарам МоиРецепти што ни го овозможувате ова.
Мојата радост за објавување на мојот 200-ти рецепт сакав да ви ја покажам со оваа музичка торта, чии звуци на убавина може да ви дојдат само преку непцето и визуелно.

Подготовка
1. За темниот бисквит ги матиме јајцата со шеќерот тројно да се зголеми и згусне смесата, па ги додаваме останатите состојки, какаото добро е да го просееме. Печеме на хартија за печење во кружен плех бр. 26 на 200 степени околу 15 минути. Кога ќе се испече го ладиме и го сечеме за да добиеме две идентични кори.
2. За светлиот бисквит ги матиме јајцата со шеќерот да се зголеми смесата тројно, па го додаваме брашното и пецивото. Печеме во четвртаст плех со димензии 24х36, на хартија за печење, на 200 степени околу 15 минути. Кога ќе го извадиме од рерна, го виткаме во ролат со помош на хартијата за печење и го оставаме да се лади.
3. За белиот фил одвојуваме од млекото малку колку да ги размешаме пудинзите и брашното. Остатокот од млеко го ставаме на оган да почне да врие. Ги ставаме пудинзите и на тивко мешаме додека да се свари филот. Го оставаме да се лади. Путерот пенасто го матиме, а чоколадото го рендаме и кога ќе се излади претходниот фил. Мешаме се заедно.
4. За црниот фил шеќерот со водата ги провриваме, да се стопи шеќерот, па ги додаваме останатите состојки. Мешаме се на страна, прво го топиме путерот и чоколадото, па ги додаваме оревите. Оставаме да се лади.
5. Составувањето на тортата оди вака, на првата половина од темниот бисквит ставаме половина од белиот фил. Светлиот бисквит го мачкаме со црн фил, па сечеме ленти со ширина од 3-4 см (моите беа од 5 см, па излезе малку повисок). Првата лента ја виткаме како ролат и ја ставаме на средина на тортата врз белиот фил. Другите ленти ги вртиме околу ролатот што го ставивме на средина, така со сите ленти, додека да ја покриете цела торта. Над овој дел го ставаме остатокот од белиот фил, за на крај да го покриеме сето тоа со втората половина од кафеавиот бисквит.
6. Чоколадото го ставаме на тивко да се стопи. Слатката павлака ја матиме (оставаме дел од неа за украсување), ама да не ни се стегне премногу, го додаваме чоколадото и продолжуваме со матење. Ја мачкаме цела торта.
7. Украсуваме со слатка павлака и чоколадни трошки.

Забелешка

Со белиот фил ја премачкав околу и тортата, па потоа со слатка павлака. Пред сечење нека отстои неколку часа, за да се поврзат вкусовите и поубаво да се сече.