Испечати

Салата со тестенини, туна и зеленчук

Салата со тестенини, туна и зеленчук

Состојки

  • 1/2 пакетче макарони (јас користев машнички)
  • 1 конзерва туна во вода, исцедена
  • 1/2 главица црвен кромид, ситно исечкана
  • 200 грама пченка од конзерва
  • 200 грама грашок од конзерва
  • 6-7 маслинки, исечкани на парчиња
  • 1/2 домат, исечкан на мали коцкички
  • 50 грама мајонез
  • 100 грама павлака
  • 1 лажиче сенф

Подготовка

Оваа салата од тестенини е многу брза и вкусна за јадење. Одлична идеја за ручек, ако ви се брза, а мене скоро секогаш ми се брза, ама и ми се јаде вкусно. Туна обожавам, тестенини исто така, па затоа оваа салата, за мене, беше одличен ручек.

Прво, направете го дресингот за салатата. Измешајте ги мајонезот, павлаката, едно лажиче сенф, зачинете со малку сол, бибер, лук во прав, маслиново масло и балсамико. Додадете вода, ако сакате да ви биде дресингот поредок. Измешајте убаво и ставете да се лади во фрижидер.

Тестенините сварете ги. Во голем сад ставете ги сите зеленчуци. По желба може да си додадете и свои. Мене овие ми беа таман. Тестенините исцедете ги и исплакнете ги со ладна вода. Додадете ги во садот со зеленчуци, прелијте со дресингот и убаво измешајте. На крај, додадете ја туната и внимателно измешајте да не се распадне премногу. Оладете ја салатата пред да ја сервирате или сервирајте ја веднаш, како сакате. Сервирајте во длабока чинија на листови марула.