Испечати

Црн леб со ржано брашно

Црн леб со ржано брашно

Состојки

  • 500 гр ржано брашно
  • 500 гр црно брашно(тип 950)
  • 1 сув квасец
  • 1 рамна лажица сол
  • 2 лажици маслиново масло
  • 700 мл млака вода
  • брашно за размесување

Подготовка

Во потрага по рецепти за здрава храна, уште пред неколку години, прво што направивме со сопругот, почнавме сами да си месиме леб, без адитиви, без бело брашно, без никакви додатоци. Сега кога ќе замесам лепче, скоро секојпат комбинирам разни типови на брашно и семиња, кои го задоволуваат и заситуваат вкусот на моите дома, а воедно здраво се хранат.

А баба ми Цана пак кога ќе раскажува за нејзината младост, особено за оваа тема знае да каже „ деца, не знаете колко црн леб смо јели ми“, ама мислам дека сега знам за какво лепче станувало збор =)

1. Брашното го ставаме во сад во кој ќе го замесуваме тестото.
2. Правиме дупка во него и ги ставаме квасецот, маслото и солта.
3. Со млаката вода го замесуваме тестото и го оставаме да стаса.
4. Откако ќе се дуплира, убаво го размесуваме, формираме топчиња по желба, значи онаа големина која ја сакаме.
5. Ги ставаме во тавче да стасаат, а рерната ја уклучуваме на 220 степени.
6. Откако ќе стасаат ги ставаме во рерна да се печат.

Лепчињата кај мене овојпат беа мали, можете доколку сакате да си направите и три векни леб од оваа количина на брашно, тоа е ваша желба.

п.с. Торбата на која се сместени лепчињата е ткаена од баба ми и ја користеше кога му носеше храна на дедо ми додека тој работеше во нива.